Истрага против Болсонаро: На подарок добил накит вреден повеќе од три милиони долари
Бразилскиот министер за правда Флавио Дино и наредил на полицијата да го истражи наводното непријавување на накит, подарок од Саудиска Арабија вреден 3,2 милиони долари, што го добил поранешниот претседател Жаир Болсонаро, објави Ројтерс.
Болсонаро и неговата сопруга Мишел добија дијамантски ѓердан, прстен, часовник и обетки од саудиската влада, кои беа запленети од царината на аеродромот во Сао Паоло во октомври 2021 година.
Луксузниот накит, кој го произведува швајцарскиот „Чопар“, бил пронајден во чантата на владиниот помошник кој со тогашниот министер за енергетика Бенто Албукерки одел во Ријад.
Болсонаро, кој го напушти Бразил во САД во декември, негираше дека сторил нешто лошо, но новиот претседател Луис Инасио Лула да Силва повика на истрага, додека еден министер во новата влада го нарече случајот „шверц“.
На Бразилците им е дозволено да внесуваат стоки и подароци во вредност до 1.000 американски долари, а ако вредноста е поголема, мора да платат големи даноци.
Критичарите на Болсонаро велат дека подароците за претседателот припаѓаат на државата и мора да одат во претседателската колекција.
Дино и наредил на федералната полиција да ги истражи извештаите во медиумите дека се работи за обид за шверц на накит што треба да му биде доставен на поранешниот претседател, заобиколувајќи ги законските процедури, што е казниво со закон.
Весникот „Фоља де Сао Паоло“ во неделата објави дека наводно имало уште едно пакување накит донирано од Саудијците, вклучувајќи пенкало, манжетни, прстен и бројаница и дека овој пакет бил во багажот на бразилската делегација, но дека царинските службеници не можеле да го најдат.