Актуелно

Американските дронови собираат разузнавачки информации за нападите врз Русија, вели Антонов

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, по повод падот на американското беспилотно летало MQ-9 по судирот со руски борбен авион Су-27 над Црното Море изјави дека американските беспилотни летала собираат разузнавачки податоци кои Киев ги користи за напади на руска територија и војска.

„Неприфатливите активности на американската армија во близина на нашите граници се причина за загриженост. Многу добро знаеме за што се користат овие беспилотни летала“, рече Антонов во изјавата, пренесува ТАСС.

„Да поставиме реторичко прашање: како би реагирале армијата и морнарицата на САД доколку руски дрон се појави, на пример, во близина на Њујорк или Сан Франциско“, рече Антонов.

Рускиот амбасадор во Вашингтон додаде дека е сигурен дека САД во тој случај ќе реагираат „без компромис“ и нема да дозволат нарушување на нивниот воздушен простор или територијални води.

Антонов, кој беше повикан во Стејт департментот откако американско беспилотно летало падна во Црното Море поради судир со руски борбен авион, изјави дека имал конструктивен разговор со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, пренесува РИА Новости.

„Не сакаме каква било конфронтација меѓу САД и Русија. Русија инсистира на градење прагматични односи со САД што ќе одговараат на интересите на народот на двете земји и не бара конфликт со Вашингтон“, рече Антонов.

На почеток