Започна реконструкцијата на дел од улицата „Даскал Камче” , во Карпош 1. Станува збор за асфалтирање на коловозот во должина од 100 метри, а вкупната инвестиција е во вредност од 539.609 денари, додека изведувач е фирмата „Битем“ ДООЕЛ – Скопје.
По повод стартот на овие градежни работи, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев даде изјава за медиуми во која посочи дека Општина Карпош продолжува со подобрување на инфраструктурата.
„До крајот на годината целосно ќе биде реконструирана „Даскал Камче”, а ќе започнеме и со санирање на улицата „Бранислав Нушиќ”, во населбата Карпош 2. Примарната цел на локалната самоуправа е да имаме побeзбедни улици за движење на сите учесници во сообраќајот“, рече Богоев.
Во изминатиов период се реконструираа повеќе улици во Општина Карпош. Во сорабока со ЈП Улици и патишта се асфалтираше улицата „Јуриј Гагарин”6 во Козле, а се направи и пристапниот пат за комплексот згради Порта Козле.
Исто така, инфраструктурно се поврза и ул. „Прашка” со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов” (сокак 4), во Тафталиџе. Во претстојниот период, во овој дел на Карпош 1, ќе биде реконструирана и улицата Гиго Михајловски.
Многу наскоро, Општината ќе иницира и воведување на „ЗОНА 30“ низ повеќе сервисни улици во Карпош. Тоа практично значи ограничување на брзината при возењето автомобили и моторцикли до 30 километри на час, со што ќе се зголеми и безбедноста за движење на пешаците, особено покрај основните училишта и градинки.