Актуелно

Трамп: Јас сум жртва на лов на вештерки

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера во Тексас им порача на илјадници приврзаници дека е подложен на една по друга лажни истраги и дека е прогонуван со сталинистички методи.

„Од почетокот тоа беше лов на вештерки и лажна истрага една по друга, нешто директно од ужасите на сталинистичка Русија“, рече тој.

Трамп во моментов е под истрага од страна на обвинителите на Менхетен за евентуално кршење на законите за финансирање на кампањата бидејќи и платил на порно актерка 130.000 долари за да не зборува за врската со него во пресрет на претседателските избори во 2016 година.

Специјален истражител од Министерството за правда ги истражува наводите дека сокрил куп тајни документи со намера да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Пркосниот и поттикнувачки Доналд Трамп вчера го одржа првиот предизборен митинг за претседателските избори во 2024 година во тексашкиот град Вако, инаку познат по својот жесток отпор кон сојузната влада.

Во последно време, вклучително и на митинг во Тексас, Трамп користи реторика која потсетува на онаа што ја користеше за да ги поттикне толпите свои поддржувачи да го нападнат Капитол и да се обидат да го спречат трансферот на власта на изборниот победник Џо Бајден.

Тој рече дека „нивните непријатели очајно се обидуваат да ги спречат и прават се за да го скршат нашиот дух и волја“.

„Но, тие не успеаја. Тие само не направија посилни. И 2024 година е последната битка и ќе биде голема. Ако ме вратите во Белата куќа, нивното владеење со Америка ќе заврши и ние ќе бидеме повторно слободна нација“.

Одлуката да се одржи митингот во Вако, каде што пред 30 години се случи крвавиот напад на секта спротивна на федералната влада, покрена многу прашања.

Во пролетта 1993 година, светот помина 51 ден гледајќи ја опсадата на ФБИ на фармата каде што беа сместени вооружените следбеници на водачот Дејвид Кореш. Во пожарот на фармата загинаа 76 членови на сектата, меѓу кои 20 деца. Загинаа и четворица полицајци.

Кампањата на Трамп вели дека локацијата и времето на митингот немаат никаква врска со годишнината од опсадата на Вако. Се вели дека градот е избран затоа што е блиску до четирите главни метрополитенски области на Тексас, Далас, Хјустон, Остин и Сан Антонио и има инфраструктура потребна за сместување на илјадници луѓе.

Неколку часа пред Трамп да пристигне на митингот, стотици негови поддржувачи почнаа да пристигнуваат и да купуваат знамиња на Трамп, налепници на браниците и акциони фигури на штандовите.

„Тој е невин човек, прогонуван“, рекол Алан Крегел (56) кој со сопругата отпатувал од Далас за првпат да го види во живо.

Трамп го мисли истото.

„Јас сум најневиниот човек во историјата на Америка“, тврди тој. „Имам лош публицитет, но мојата поддршка оди до небото“ вели Трамп.

Во борбата за републиканската номинација, сепак, би можел да има тежок противник во гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, новиот шампион на екстремната десница.

Де Сантис (44) се уште официјално не објавил дека ќе се кандидира, но нема сомнеж дека ќе биде еден од најголемите ривали на Трамп во Републиканската партија.

На почеток