Најчевска за предлогот на Лога: Ова е долевање масло на оган, ама најверојатно тоа е и целта со оглед на поделбите во ДУИ
Измена на преамбулата за внес на Бугарите и други заедници во уставот, надминување на вакуумот при оставка и избор на нов министер и вакуумот веќе распуштено Собрание да може да заседава за битни прашања, замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“, министерот за правда по функција да не биде член на Судскиот совет, се само некои од предлозите кои министерот за правда Кренар Лога смета дека во пакет треба да бидат донесени со отворањето на Уставот. Лога на брифинг со новинарите ѝ понуди на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не само да делегира свои претставници во работната група за уставните измени и таа за новиот изборен законик, туку и во сите работни групи кои ќе се формираат во Министерството за правда. Министерот излезе со понуда освен претставници ВМРО-ДПМНЕ да понуди и претседатели работни групи.
„Јас усм во комуникација со сите чинители во државата, со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакната личности и верувам дека работната група многу брзо, за денови или недели ќе биде составена. Се размислува не само во делот на преамбулата Уставот да претрпи измени, туку да се реши прашањето со вакуумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот и изборот на нов министер, во делот каде министерот за правда по функција е дел од Судскиот совет, во делот што беше проблематичен во пандемијата кога Собранието не можеше да заседава бидејќи беше распуштено, за промена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Како и да е, за сите овие прашања треба да имаме консензус, а за нас приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници“, рече Лога.
Во врска со ова се огласи професорката Мирјана Најчевска која.
„А наместо албански јазик да внесеме англиски јазик, па да си има еден национален јазик – македонски, еден интернационален јазик – англиски и сите други јазици да се регулираат согласно Повелбата за регионални и малцински јазици?
Предлогот на актуелниот министер за правда го разбирам како уште еден обид за разгорување на нетрпение и омраза врз етничка основа.
Во време кога е загрозен идентитетот на Македонците од соседна Бугарија, кога се негира историјата на Македонците и кога се бараат отстапки кои повеќе личат на капитулација во форма на ултиматум отколку на компромис, еден ваков предлог може да биде насочен само кон долевање масло на оган.
Ама најверојатно тоа е и целта со оглед на поделбите во ДУИ.
Мора да се најде заеднички обединувачки фактор. А кој е подобар од национализмот подигнат на ента степен.
Не, бре Лога.
Ајде да одиме со граѓански Устав а правата на етничките заедници да станат дел од приватната сфера“, вели Најчевска.