Денес ќе се гласа за предлогот Владата времено да ја превземе Универзална сала
Иницијативата на СДСМ за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала од Град Скопје на Владата, заради негова доизградба, конечно се најде на дневен ред на на градскиот Совет и советниците за неа треба да се изјаснат на денешната седница.
Советничката група на СДСМ и коалицијата иницијативата ја поднесува поткрепена со писмото за намера кое министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го испрати до координаторите на советничките групи пред еден месец, а со кое се бара времено да се отстапи објектот до завршување на реконструкцијата.
Се предлага отстапувањето на корисничкото право да биде од времен карактер, до завршување на реконструкцијата, по што Град Скопје ќе си го врати корисничкото право.
За реализација на одлуката неопходна ќе биде промена на инвеститорот, од Град Скопје на Владата на РСМ, за што ќе биде потребно да се склучи посебен договор со кој ќе се регулираат правата и обврските на двете страни.