Припадници на филипинската војска и полиција присилно евакуираа жители од пет села загрозени од лизгање на земјиштето, кое однесе десетици куќи и уби најмалку 29 лица во централните делови на земјата.
Локалниот полициски службеник Деболд Синас изјави дека повеќето од 1 200 жители на селaта биле евакуирани минатата ноќ, но некои исто така одбиле да го сторат тоа.
Синас додаде дека околу 270 војници и полицајци биле распоредени за да ги спречат луѓето да се вратат во загрозените села, објави агенцијата АП. Се верува дека повеќе од десетина луѓе се затрупани под урнатините.
Лизгањето на земјиштето, кое почна по обилните дождови, вчера затрупа околу 30 куќи во две села. Во текот на викендот имаше обилни врнежи по налетот на тајфунот Мангхут, кои предизвикаа повеќе од 100 лизгања на земјиштето.
Според последните податоци, 88 лица загинаа во невремето, а повеќето од нив биле убиени во лизгање на земјиштето.