БГНЕС: Тешката промена на уставот е најлесниот услов што треба да ги оствари Македонија


Тешката промена на уставот а е најлесниот услов во рамката за преговори со ЕУ што треба да ги оствари Македонија, оценува БГНЕС, анализирајќи ја најавената расправа за уставните измени кај нас и објавувањето на експертите што ќе ги формулираат уставните измени денес од страна на Министерството за правда.
Притоа, според оценката на БГНЕС кој со особено негативна конотација ги следи настаните во нашата држава, во составот на работната група за уставните измени кој ќе решава како да бидат вклучени Бугарите во уставот, ќе има „истакнати претставници на југословенската и српската правна школа, но не и претставници на македонските Бугари“, иако основа за учество во телото не е етничка припадност туку политичка и институционална.
Според БГНЕС вистински успех за Бугарија бил исклучокот што го направила ЕУ со „внесување на билатералните прашања во самата преговарачка рамка и со претворање наж Европската комисија во гарант за исполнување на условите поставени за Македонија“. Според медиумот, притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ однадвор е таков што тешко дека ќе има „долг и патетичен отпор“ за исполнувањето на клучниот услов за преговорите, вклучувањето на Бугарите во преамбулата, туку поверојатно партијата ќе бара начини, трикови и формулации за да може „шизофрената партија“ што се повикува на историското бугарско ВМРО да си го „спаси образот“ и истовремено да обезбеди неколкуте гласови што недостасуваат за усвојување на уставните измени.
-Не случајно неодамна во оваа насока се и „креативните“ предлози на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за донесување устав од хрватски тип или да се бара гаранција од Бугарија дека, покрај овој услов никогаш повеќе нема да има услови и повеќе тезги во преговарачкиот процес. За разлика од владетелите во Скопје, Мицкоски како индиректен наследник на Иван Михаилов како лидер на ВМРО веројатно е свесен дека работите се покомплицирани. Францускиот предлог содржи и други клучни елементи кои се чини дека се сосема потценети, занемарени или целосно потиснати од властите во Скопје. Европската преговарачка рамка на пример експлицитно се однесува на почитувањето на Договорот за пријателство склучен со Бугарија во 2017 година, а поконкретно на спроведувањето на годишните билатерални протоколи кои произлегуваат од овој договор и следат, контролираат и обезбедуваат неговото извршување. Во двата досега достапни протоколи, од 2018 г и 2020 година се појавуваат бројни специфични обврските од страна на Македонија кои се однесуваат на заштитата на правата и интересите на Бугарите во Македонија, барајќи јасна посветеност на борбата против јазикот на омразата во земјата, отворањето на досиејата на комунистичкиот режим рехабилитација на жртвите со бугарска самосвест.
Досега, ниту еден од горенаведените услови не е исполнет, но во последната година бевме сведоци на невидена кампања на агресија, насилство и омраза кон бугарската заедница во РСМ, со бројните примери на пукање, палење, тепање и други вандалски дела за што продолжуваме да сведочиме неделно. Освен што македонските власти не преземаат речиси никакви вистински мерки за ефективно да се спротивстават, всушност ако се суди според говорите на претседателот Пендаровски или премиерот Ковачевски, слични дела се толерираат, па дури и бранат како логично и природни како реакција на агресивната, според нив, политиката на Бугарија. Сепак, клучно место во протоколите зазема историјата и посветеноста на Мешовитата историска комисија која треба да ја објективизира нашата заедничка историја, да предложи заедничка прослави значајните историски ликови и настани и последователно, Скопје да продолжи кон брзи промени во македонските учебници за да ги одразат договорените дефиниции.
Точно тука доаѓа најсериозниот проблем со кој се соочува имплементацијата на Договорот. По повеќе од пет години работење сите се свесни дека Мешовитата историска комисија не направи речиси ништо, особено во однос на навистина контроверзните историски теми. Дури и занемарливо малите компромиси во реалноста, непроблематичните теми, се забораваат или не се применуваат во процесите на учење и помагалата. Причината за ова е одбивањето на македонскиот дел од комисијата да преговара за важните историски теми или да се променат до милиметар наративите наследени од времето на Титова Југославија, а понекогаш и со директни провокации кон бугарската страна. Доволно е само да потсетиме на предлогот даден во 2019 година од македонска страна за заеднички датум на прослава за Гоце Делчев да биде избран денот на кој комунистичка Бугарија ги предаде неговите коски на комунистичка Југославија во 1946 година, пишува БГНЕС.
По сите овие услови, заклучува БГНЕС, можното вклучување на Бугарите во уставот на РСМ се повеќе изгледа како помал проблем во билатералните односи и дури и да се случат, според оценката на медиумот, тоа нема само по себе да промени ништо за преостанатите итни билатерални проблеми.
