Свет

УНХЦР: Повеќе од 800.000 може да го напуштат Судан поради судирите

УНХЦР: Повеќе од 800.000 може да го напуштат Судан поради судирите


И покрај наводниот прекин на огнот и фактот дека странските држави ја прекинаа евакуацијата, ОН предупредија понеделникот дека 800.000 луѓе би можеле да го напуштат Судан додека ривалските воени фракции се борат во главниот град, пренесува „Ал Арабија“.
Заменик-шефот на ОН за бегалци Рауф Мазу рече дека неговата агенција предвидува егзодус на 815.000 луѓе, вклучувајќи 580.000 Суданци, како и странски бегалци кои сега живеат во земјата.
„Околу 73.000 веќе го напуштиле Судан,“ рече тој.
Стотици луѓе се убиени, а илјадници се ранети во текот на 16-дневните пресметки во конфликтот што изби на 15 април поттикнат од спорот меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ).
„Најмалку 528 лица загинаа, а 4.599 се ранети,“ соопшти Министерството за здравство.
ОН објавија сличен број на загинати, но веруваат дека реалниот биланс е многу поголем.
Многумина се плашат за своите животи во борбата за моќ меѓу началникот на армијата и шефот на РСФ, кои ја поделија контролата врз владата по пучот во 2021 година, но се раскараа околу планираната транзиција кон цивилна власт.
Се чини дека нема многу шанси за брзо решавање на кризата која предизвика хуманитарна катастрофа, уништи делови од Картум, ризикува да ги вовлече во борвите регионалните сили и повторно го разгори конфликтот во регионот Дарфур.
Откако и двете страни се согласија во неделата да го продолжат многу примирјето за 72 часа и покрај многуте прекини, ОН најавија можни разговори за примирје во Саудиска Арабија. Но, борбите продолжија во понеделникот со воздушни и артилериски напади.
Десетици илјади Суданци ги напуштија своите домови, некои се собираат во центрите како Атбара североисточно од Картум или се упатуваат кон границите со Египет и со Чад.
Од Египет велат дека повеќе од 40.000 Суданци ја преминале нивната граница, а илјадници други заминале во Чад, Јужен Судан и Етиопија или тргнале преку Црвеното Море со чамци за евакуација.
ОН стравуваат од ефектот од војната и врз Судан и поширокиот регион, вели Мартин Грифитс, висок функционер за хуманитарни и итни прашања за помош, предупредувајќи дека земјата е пред колапс.
„Размерите и брзината на она што се случува во Судан се без преседан“, рече Грифитс, кој ќе го посети Судан денеска.
Странските влади ги извлекоа своите граѓани во серија операции по воздушен, морски и копнен пат изминатата недела иако неколку земји ги прекинаа напорите. Оние што останаа во земјата се соочуваат со тешкотии и опасност.
Снабдувањето со електрична енергија и вода се несигурни, има малку храна и гориво, повеќето болници и клиники не работат, а зголемените транспортни трошоци го отежнуваат заминувањето.
ОН и другите хуманитарни организации ги прекинаа услугите откако нивен персонал беше убиен на почетокот на војната иако Светската програма за храна најави во понеделникот дека ги обновува операциите во побезбедните области. Агенциите увезуваат залихи преку Порт Судан, но им требаат гаранции за безбедносста за да ги испорачаат до Картум.

На почеток