Свет

Азем Власи пред средбата во Брисел: „Сè што предлага Вучиќ мора да се одбие!“

Азем Власи пред средбата во Брисел: „Сè што предлага Вучиќ мора да се одбие!“


Говорејќи за заедницата на српските општини, која ќе биде меѓу клучните теми на денешниот состанок меѓу претставници на Србија и Косово во Брисел, приштинскиот аналитичар и поранешен југословенски политичар Азем Власи истакна дека Косово не треба да прифаќа ништо што е надвор од неговиот уставен систем, пренесуваат српските медиуми.
„Не треба да прифатиме ништо што произлегува од тие наоди на Уставниот суд, наодите што ги донесе судот во врска со тој договор од 2015 година, без разлика дали тоа се вика заедница или е некое друго име… ништо надвор од уставниот систем на Косово“, изјави Власи за „ТВ 1“.
Власи нагласи дека косовскиот премиер Албин Курти треба да ја искине секоја верзија на ЗСО што Србија ќе ја поднесе денеска.
„Мислам дека во моментот кога ќе му ја дадат на Курти, тој треба да ја земе и да ја искине затоа што која е Србија, друга држава, да го пишува статутот на внатрешниот механизам на Косово, кој во овој случај се вика заедница на општини со српски мнозинство“, рече Власи.
Според приштинскиот аналитичар, Србија не е заинтересирана за нормализација на односите, туку само за формирање ЗСО посочувајќи дека односите меѓу Косово и Србија сега се позатегнати.
„Не можеме да имаме големи очекувања бидејќи односите меѓу Србија и Косово сега се позатегнати отколку кога се одржа последната средба во Охрид. Чекаме акциски план за откривање на судбината на исчезнатите, а каква и да е декларацијата, ќе биде добра“, рече Власи.
Според него, главното прашање што мора да се разјасни на средбата е прекршувањето на договорот од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Главното прашање е да се разјасни како Вучиќ ја прекршил точката четири од бриселскиот и од договорот во Охрид дека Србија нема да се меша во процедурите за членство на Косово во меѓународните организации“, вели Власи.
Тој смета дека Вучиќ го интересира само ЗСО, што, според него, е сигнал дека нема да има напредок во дијалогот.
„Вучиќ го интересира само заедницата на српските општини, јавно кажува дека ништо друго не го интересира. Тоа се прашања што сигнализираат дека утре нема да има суштински напредок во дијалогот, но ќе видиме каков став ќе имаат посредниците“, рече Власи.
Тој истакна дека нормализацијата на односите подразбира заемно признавање за што Србија исто така не е заинтересирана.
„Србија не е заинтересирана за нормализација на односите бидејќи нормализацијата на односите, односно конечниот договор меѓу Србија и Косово, значи и заемно признавање“, заклучи Власи.

На почеток