Припадници на МВР, по опсежна потрага, во околината на Крагуевац го уапсиле У. Б. (2002).
Тој е осомничен дека синоќа со огнено оружје убил осум лица и ранил 14.
Повредените лица се згрижени во болниците.
Полицијата продолжува со работа на расветлување на сите факти и околности за овој настан, според медиумите во соседството.
Министерството за здравство на Србија итно апелира до граѓаните доброволно да даруваат крв за повредените.
Во неколку болници во Белград и Смедерево се згрижени лицата повредени во синоќешното крвопролевање кај Младеновац во Србија.
„Телеграф“ пишува дека има осум повредени во Ургентниот центар во Белград, двајца во КБЦ „Драгиша Мишовиќ“, а тројца во Смедерево.
Во текот на ноќта во болницата „Свети Лука“ во Смедерево биле примени десет лица, но четири лица починале, а тројца се пренесени во Белград.
Како што е потврдено, тешко повредените лица на возраст од 21 и 23 години биле донесени во КБЦ „Драгиша Мишовиќ“ на белградско Дедиње, каде што биле оперирани, но нивните животи сè уште се во опасност, јавува репортерот на РТС.
