Скопје

Арсовска мора да го информира Советот за состојбата на мостот Беласица, властите наместо да го решат проблемот, си ја префрлаат топката, вели ВМРО-ДПМНЕ

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје очекува што побрзо да биде ставена на дневен ред точката за мостот Беласица, потребна е итна санација.

„Арсовска мора да го информира Советот што се случува и зошто со денови нема конкретни информации во врска со состојбата на мостот Беласица.

Граѓаните ги интересира што побргу мостот да биде ставен во функција.

Скопјани не можат да чекаат на префрлањето на топката помеѓу Владата и Арсовска. Како што се договараат за гласање на финансиските програми, така да се договорат и мостот да биде поправен во најитен рок.

Неколку стотина илјади скопјани кои секојдневно се на релација од Центар и Аеродром кон Гази Баба се соочуваат со метеж, затоа што властите наместо да го решат проблемот, си ја префрлаат топката.

Оттука Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје побара најитно ставање на дневен ред на точката за барање информација во врска со состојбите, по што ќе може да произлезат и конкретни предлози и решенија“, се вели во соопштението.

На почеток