Актуелно

Ковачевски нема да поднесе оставка, доколку не успеат уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски не размислува да поднесе оставка, доколку не успеат уставните измени.

Ковачевски е категоричен дека не размислува да поднесе оставка и покрај тоа што рокот за уставните измени е до ноември. Забележа дека Владата има ингеренции со управување со државата, а за уставните измени е потребно дво – третинско мнозинство.

„Тоа е обврска не само на Владата, туку и на сите политичко – општествени чинители во државата. Тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните, бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска индина. Ние овде во детали разговараме што значи и членство во ЕУ“, рече Ковачевски.

Посочи дека Романија, Чешка, Словачка по влегувањето во ЕУ имаат забрзан развој и повисок животен стандард.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Ковачевски да достави предлог за уставни измени и да поднесе оставка ако нема двотретинско мнозинство.

„И кога нема да поминат овие уставни измени, кукавицата Димитар Ковачевски да си поднесе неотповиклива оставка. Тоа што кажува дека нема да си поднесе оставка доколку не поминат уставните измени покажува дека тој е само еден уплашен човек, кој бега од соочување со народот по секоја цена. Ковачевски единствено мисли само како да помине ден повеќе на удобната фотелја, а со тоа и да украде некој денар повеќе и да намести некој тендер, дали за него и неговото семејство, дали за неговиот шеф Ахмети“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На почеток