Односите меѓу Унгарија и Шведска мора да се подобрат пред да биде одобрена кандидатурата на скандинавската земја за членство во НАТО, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на Економскиот форум во Катар.
„Политичките односи меѓу Унгарија и Шведска се лоши. Не сакаме да внесуваме конфликти во НАТО“, рече Орбан.
Датумот кога унгарскиот парламент ќе гласа за шведската кандидатура за прием, која мора да ја ратификуваат сите 30 постоечки членки на алијансата, се уште не е познат, а самитот на НАТО се одржува во јули.
Шведска и нејзиниот сосед Финска аплицираа за приклучување кон воената алијанса на НАТО минатата година, по рускиот напад врз Украина, а Анкара и Будимпешта го одложија барањето на Стокхолм.
Шведските власти ја критикуваа владата на Орбан во областите на демократијата и владеењето на правото.