Ганиу до Османи: Ова што го правиш е партиска анархија
Да обвинуваш за кршење на статутот на партијата во моменти кога работиш за доброто не само за жителите на Чаир, туку и за сите скопјани е многу ниско, се вели во реакцијата на градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу на изјавата на Бујар Османи кој рече дека незадоволните во ДУИ, или „огнената група“ го прекршила статутот на партијата.
„Токму тоа го направи Бујар Османи, човек кој потекнува од Чаир и Скопје, човекот кој треба со душа да им помогне на своите жители, бидејќи е дел од највисоката хиерархија на извршната власт. Но, се чини дека не му е ни гајле за народот, но му е гајле како од позиција на прекршител на статутот, каков што е самиот, да упатува обвинувања за кршење на статутот кон други.
И еве од тука го информирам Бујар Османи, кој е портпарол на Демократската унија за интеграција, и кој треба да ги знае сите партиски прашања, а изгледа или не ги знае или не е заинтересиран да ги знае, дека секоја коалиција или соработка и за секој детал од тие коалиции и соработки што ги правевме на локално ниво, било во изборниот период или по изборите, го консултиравме и го информиравме лидерот на партијата Али Ахмети за сѐ и сѐ што направивме, го направивме со неговиот амин.
Би било добро Бујар да го прашаш лидерот, оти си портпарол и штета е да не знаеш што се случува во партијата“, вели Ганиу.
Според него, токму Османи заедно со Артан Груби го прекршиле партискиот статут кога тајно влегле во централното претседателство на ДУИ без партиски филтер, без да бидат членови на месните комитети, без избор од структурите… и повторно Османи го прекршил статутот кога бил назначен за координатор во Чаир на 5 март.
„Статутот го прекршуваш и денеска Бујар кога обвинуваш за кршење на статутот додека работиме за нашиот народ за тие што нѐ избрале. Народот многу очекува од вас, а не да ја играте улогата на адвокат, дали бил прекршен или не партискиот статут. Бујар ова што го правиш и ти и тие другари министри со тебе, ни помалку ни повеќе се нарекува партиска анархија“, вели Ганиу.
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи во изјава за „360 степени“ за последните превирања со фракционерите рече дека прекршувањето на статутот на партијата, како во сите политички партии, носи одредени одговорности.