Денес пресуда за пожарот во модуларната болница во Тетово
Денес судијата Јордан Велковски од Основниот кривичен суд Скопје треба да ја изрече пресудата за пожарот во модуларната болница во септември 2021 година во кој загинаа 14 лица.
Обвинети во случајот се двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се гонат за тешки дела против општата сигурност, како и докторот Бобан Вучевски кој е обвинет за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. За предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, пак, како правно лице се гони и Клиничката болница Тетово.
Адвокатот на болницата рече оти преку сведочења на вработените се докажало дека имало поставени противпожарни уреди и дека установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.
Адвокатот Емил Мифтари, бранител на обвинетиот Бесими, исто така, посочи на сведочењата на вработени во болницата кои истакнале дека имало уреди за гасење пожар. Според него, од друга страна обвинетиот не бил овластен и немал обврска за поставување противпожарни уреди и не учествувал во примопредавање на модуларната болница.
Самоил Филиповски, како бранител на другиот обвинет директор Етеми, во завршните зборови потенцираше дека обвинетите не се обвинуваат за предизвикување на пожар, туку за сосема друго кривично дело сторено од небрежност. Според адвокатот несвојствено е да се определува широк временски опсег на сторување на кривично иако поставените прашања до сведоците беа исклучиво за денот 8.9.2021, кога се случи пожарот.