(Видео) „4 несреќи 97 загинати 0 осудени, разрешување“: граѓани побараа одговорност за пожарот во модуларната болница


„Вистина над лагата“, „одговорност сега“, „правдата не е трговија“, 4 несреќи 97 загинати 0 осудени, разрешување“. Ова се барањата на денешниот протест пред Основниот суд Тетово.
Граѓаните и роднини на загинатите изразија револт и бараат одговорност за пожарот во модуларната болница во која животите ги загубија 14 луѓе при пожар на 8 септември 2021.
Протестот доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен како „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци.
Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.
