Го продадов имотот во 2009 година без хациенда, вели Петровска
Постојат неколку купопродажни договори заверени на нотар кои покажуваат дека имотот за кој обвинува пратеникот Драган Ковачки сум го продала во 2009 година и на него не сум изградила никаква хациенда, изјави денеска министерката на одбрана по рочиштето во Граѓанскиот суд Скопје каде Петровска го тужи Ковачки за клевета.
„Денеска како што минатото рочиште најавивме, ги презентиравме доказите кои се официјални докази, кои се наоѓаат и во Катастар. Неколку договори купо-продажни со кои се гледа дека во минатото, не сега скоро, од 2009 година, јас сум го отуѓила тој имот без таму да има било каков имот односно така наречената хациенда. Денеска беа презентирани овие докази, беа дадени на одбраната да ги разгледа, за да се произнесе. Од овој договор овде, кој е нотарски заведен и спроведен во Катастар, неспорно е дека јас тој имот како недвижен, градежна парцела сум го поседувала, сум го отуѓила и потоа почнала градбата на објектот од денешните сопственици“, рече Петровска.