Ексобвинител му ја предвидува иднината на Мерко: Незаконско влијание е далеку од застарување, ништо од мирните пензионерски денови
САД го ставија градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, на така наречената црна листа, со што означија како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвои средства и се мешаше во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија“, соопштија од Стејт департментот.
Тие посочуваат дека со ова се испраќа порака до Македонија за зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците во владеењето на правото.
Во врска со ова на социјалните мрежи се огласи поранешниот обвинител Војо Димоски.
„Ми се наметнуваат повеќе прашања како на професионалец, а за почеток ги поставувам следниве две:
1. Дали во врска со коруптивните зафати на Мерко биле оформени предмети пред ЈО, а по пријава на оштетени?
2. Дали таквите предмети биле опструирани од раководни структури во Државното и во Вишото обвинителство, а во корист на пријавениот Мерко?
Со жалење констатирам дека во моментов се заробени сите институции кои се должни да дадат одговор на прашањава (ЈОРМ и ОЈО за ГОКК).
Добрата вест е дека делата на незаконито влијание се далеку од застарување, па ништо од мирни пензионерски денови“, вели Димоски/