Македонија

Јавното обвинителство формираше комисија за следење на противправности во врска со референдумот

Јавниот обвинител на Република Македонија формираше комисија за следење на евентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30 септември.

Како што информираат од Јавното обвинителство, за претседател на привремената комисија е определен јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, а во неа членуваат и по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства.

Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на референдумот. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

„Проактивното и превентивно дејствување на Јавното обвинителство со формирањето на привремената комисија е одговор на ставот дека настаните поврзани со претстојниот референдум се од поширок општ интерес во јавноста, каде има потреба од поголема организираност во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија“, се наведува во соопшението.

Јавното обвинителство, преку привремената комисија за следење на евентуални противправности ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со референдумот, да достават пријава до комисијата на електронската адреса – [email protected].

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток