Дескоска му врати на Лога: Посакувам секој следен министер да биде подобар од претходните
Професорката по Уставно право и политички систем и поранешна Министерка за правда, Рената Дескоска, неодамна истакна дека Уставниот суд треба да поведе постапка за оценка на уставноста на предлогот на Министерот за правда Кренар Лога, за воведување графа националност во изводите од матичната книга на родени.
Тоа не му се допадна на Лога, па на Фејсбук тој напиша дека Дескоска е лош министер за правда.
„За време на нејзиниот мандат како министер за правда, таа самата се номинираше за претставник во Венецијанската комисија, независно советодавно тело на Советот на Европа.
Ако таа повикува на европски и меѓународни стандарди, тогаш таа е една од оние министри што ги прекршиле тие стандарди. Ова го нема во ниту една земја во светот. Таа е лош пример за министер во минатото, кога не прифаќаше уставните измени на Договорот од Преспа да одат преку Министерството за правда, туку преку Министерството за надворешни работи што е преседан“, напиша тој.
На ова возврати и професорката Дескоска.
„Кога немате аргументи, тогаш користите ad hominem напади и навреди.
Јас лично посакувам секој следен министер да биде подобар од претходните, бидејќи само така може да одиме напред. А тоа може само со политики засновани на точни информации и со почитување на најдобрите меѓународни практики.P.S. Во животот сум вршела неколку функции, но потпретседател на партија никогаш не сум била, напиша таа.