Свет

Лукашенко: Пригожин е во Русија

Белорускиот лидер Александар Лукашенко изјави дека лидерот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, повеќе не е во Белорусија, туку во Санкт Петербург.

„Ова е руска компанија. Значи, прашањето очигледно не е за мене. Колку што сум информиран, борците се во нивните кампови. Што се однесува до Пригожин, тој е во Санкт Петербург. Тој не е на територијата на Белорусија“, рече Лукашенко.

Се веруваше дека Пригожин се согласил да замине во Белорусија како дел од договорот за ставање крај на неговиот обид за вооружен бунт. Исто така, беше договорено да се откаже од неговото кривично гонење.

Сепак, првиот сомнеж дека Пригожин воопшто не останал во Русија се појави минатата недела кога беше објавено дека два авиони полетале од Белорусија за Русија, а на еден од нив бил Пригожин.

Оттогаш не е јасно каде е основачот на Вагнер.

Симптоматично е и тоа што токму денеска руската државна телевизија под етикетата ексклузивна објави видео од рацијата на локациите во сопственост на Пригожин.

Како што се наведува, руските служби упаднале и во неговата вила која се наоѓа во Санкт Петербург и таму нашле се – од голема сума пари, до перики, маски, па дури и оружје….

На почеток