(ВИДЕО) Меџити брутално обвини пациент со цистична фиброза дека правел шоу, кога тој бараше лек
Министерот за здравство, Фатмир Меџити не признаваше дека нема „трикафта“ за сите пациенти со цистична фиброза. Тој тврдеше дека дури сега се финализира протоколот кој ќе треба да покаже кои пациенти ќе треба да го примаат овој лек кој го стопира прогресирањето на болеста. Зборуваше и за случајот на пациентот Игор Пехчевски кој постојано бара терапија со „трикафта“, кого го обвини дека правел шоу.
„Во врска со „трикафта“, кога јас дојдов верувајте немаше протокол за „тикафта“, немаше комисија за „трикафта“, немаше центар за „трикафта“. Што направивме ние, направивме комисија, направивме протоколи, го пративме на фонд за здравствено осигурување добивме позитивно мислење од нив еве и од Асоцијацијата на пациентите и на фамилиите со цистична фиброза деновиве имаат закажано средба кај мене, ќе дојдат ќе се договорат. Вие знаете дека пред два месеци излегуваше еден пациент и правеше шоу на телевизија“, рече Меџити.
На реакцијата како може да каже за пациент дека правел шоу и прашањето како тој би се чувствувал доколку имаа потреба од лек кој го нема во Македонија и е скап, Меџити одговори: „Не може пациент да одлучи дали му треба лек или не му треба лек. За тоа во Македонија има… јас зборувам јавно и транспарентно..“
Не одговарајќи на прашањето, министерот одново беше прашан како може да даде ваква изјава за пациент кој лежел на оддел поради влошена состојба, на што возврати: „А како може да се слика на оддел тоа е забрането да се сликаш по телевизии?“.