Герасимовски: Новите ДУП-ви во Центар носат подобри урбанистички решенија
Носењето нови ДУП-ви има една цел, а тоа е подобро урбанизирање на јавниот простор според густината и потребите на населението, смета градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Тој вчера вечер во телевизиско гостување на Телевизија 24 зборуваше за детално урбанистичките планови кои ги носи Општина Центар.
„Во минатото имало лоши ДУП-ви кои ние во моментов ги подобруваме и носиме нови каде што воопшто не биле донесени или се премногу стари. На пример за Француски гробишта од 1991 каде нема ни ажуриран ДУП. Целта за носење на ДУП-те е подобро урбанизирање на самиот простор, а тоа подразбира подобри сообраќајници, повеќе зеленило, јавно добро односно вцртување на нови градинки во зависност од потребите и густината на населението, нови училишта, културни центри итн“, рече Горан Герасимовски во емисијата „Отворено“.
Герасимовски потенцираше дека преку носењето подобри планови за организирано живеење Општина Центар има за цел и да ја промени перцепцијата кај граѓаните дека истите се носат поради некакви лични интереси. Тој низ низа промери и споредби го посочи Детално урбанистичкиот план за Крњево 2 кој неодамна го донесе Советот на општината.
„Дали било подобро претходно ова урбано решение каде што имаме „Г“ зграда којашто е 57 000м2 или сега со 33 000 м2, каде што имаме подобри сообраќајници и влезови во самата населба, каде што имаме пешачки патеки и провев, каде што се стопирани оние сообраќајници каде што биле слепи и не се дозволиле со новите законски правила и можности, каде што зеленилото е за 4 пати зголемено итн. Значи целта ни е да во носење на самите ДУП-ови како општина како планери да креираме што подобри услови за живот“, рече Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски во гостувањето потенцираше дека при носењето на ДУП-те треба особено внимание и при изборот на планерските куќи кои ги изработуваат истите за да не се случуваат прекини за отпочнување нови постапки и ДУП-ви коишто не можат да се донесат ниту за 10 години.
„Тоа значи дека во моментот кога ќе почне нова процедура треба да се комуницира со Агенцијата за просторно планирање за да се види како тече и самото носење на ГУП-от за да ДУП-от којшто ќе се носи, тие параметри и бројки се прилагодат со цел да не треба во иднина да се прави дополнително усогласување кога ќе се донесе новиот ГУП“ рече Герасимовски.