Македонија

Мазнева за избрканиот Дардишта: Ниту еднаш не е дојден на работа, освен да пие кафе

Мазнева за избрканиот Дардишта: Ниту еднаш не е дојден на работа, освен да пие кафе

Директорката на „Комунална хигиена“ – Скопје, Косана Мазнева, најави санкции за секој што ќе ја опструира работата на претпријатието или за секој што ќе греши пред законот по неколкудневниот хаос со сметот во главниот град.

dobivaj vesti na viber

Во разговор за „Макфакс“ таа вели дека не може да сфати како може некој да се охрабри да не доаѓа на работа со години и да го опструира целиот работен процес, а притоа постојано да работи во трета смена, која, како што напомена, носи извесни придобивки.

„Како може некој да се охрабри да не доаѓа на работа и со години да опструира еден цел работен процес зашто му текнало дека триесет години е постојано во трета смена и тие замислил дека во трета смена можат цел живот да работат. Третата смена да им ја предадат на своите синови, на своите деца, на своите внуци, фамилијарно. По што е таа трета смена толку многу интересна за да бидат фамилијарно поврзани кланови, да имаат привилегија да бидат 30-40 години само трета смена. Зошто органите на прогонот исто така не се запрашаат што е толку интересно во трета смена. Дали се работи само за 35 % што се добиваат како награда за ноќен труд или има и нешто друго?“, прашува Мазнева.

Не се сеќава дека упатила какви било вербални закани, особено кон Дели Дардишта како претседател на Синдикатот на „Комунална хигиена“ при СУТКОЗ.

„Не се сеќавам дека сум упатила какви било вербални закани кон претседателот на Синдикатот, кој воедно е и вработено лице во ‘Комунална хигиена’ со години. Притоа ниеднаш не е дојден на работа, освен да пие кафе. Работата е веќе завршена. Сите овие лица што добија отказни решенија веќе другите институции ќе си имаат работа со нив. Поведена е кривична постапка, поделени се отказните решенија, понатаму може да си постапуваат и тие во согласност со законските прописи“, истакнува Мазнева.

Според неа, претпријатието изминатиот период било под опсада.

„Бевме под блокада и јас морав тоа да го спречам. Се работеше за лица што не доаѓаат на работа, не си ги извршуваат работните задачи, го опструираат работниот процес, со тоа ги загрозија и животната средина и јавното здравје, без претходно пријавен каков било штрајк ниту писмено ниту усно, на ниеден начин. Претпријатието беше во заложништво цели 5 дена“, вели Мазнева.

Избрканиот синдикалец од „Комунална хигиена“, Дели Дардишта, неодамна за „Макфакс“ ги потврди тврдењата дека дел од неговата фамилија е вработена во претпријатието. За него, тоа не е спорно посочувајќи дека сè е законски.

„Ние, вистина, е дека сме големо семејство, но секој своја куќа си има, секој со своите деца си живее. Ние сме со генерации тука, не е дека некој вчера ги вработил луѓето. Имаме луѓе со по 40 години стаж овде што работат“, изјави Дардишта за „Макфакс“.

Посочи дека нема ништо спорно во овие вработувања.

„Сè е легално во согласност со закон. Секој има право да се вработи. Камо да имавме среќа на друго место да се вработиме, а не во ѓубре. Татковците наши, сите во пензија отидоа од таму. Јас имам 33 години, а има по 40 години што работат тука. Што е спорно?“, додава Дардишта за „Макфакс“.

Прашан за коментар за изјавата дека мафијашки структури го контролираат претпријатието, теза што беше посочена од Арсовска кога зборуваше за вработувањата на фамилијата, Дардишта вели: „Гледам мафијаши, ѓубре товараме, а мафијаши. Има право да нè обвинат за сè кога 365 дена работат луѓето, а ни денови за одмор не добиваме. Нека им служи на чест“.

Дели Дардишта беше на списокот на избркани од „Комунална хигиена“. Тој беше синдикален претставник на вработените.

Макфакс

На почеток