Македонија

Судијката-сестра на пратеничка и судијата со преставките за нестручно работење се избрани за членови на Судски совет

Судијката-сестра на пратеничка и судијата со преставките за нестручно работење се избрани за членови на Судски совет

Од 185 судии кои гласале за избор на член на Судски совет, а се од скопското апелационо подрачје, според првичните информации, најмногу добила судијата Антоанета Димовска од Граѓанскиот суд. Втор избран е врховниот судијата Наке Георгиев, кого го гласале шестмина од вкупно 16 судии во Врховен. Со оглед на резултатите, тие ќе се новите членови на Судскиот совет

dobivaj vesti na viber

Во скопското апелационо подрачје, неупотребени биле 35 гласачки ливчиња, неважечки биле 26 ливчиња, а право на глас имале 220 судии.

Официјализирањето на гласовите ќе биде по завршување на рокот за жалби.

Изборите доаѓаат во време кога највисокото судско тело е цел на критичната јавност. Министерот за правда Кренар Лога предложи негово распуштање. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека треба ремонт. Невладините организации, меѓу кои и „Коалицијата за правично судење“, побараа сите членови да поднесат оставки. Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите.

Кандидатската листа дополнително влијаеше негативно врз рејтингот на ова тело откога се дозна дека на кандидатот Наке Георгиев му била запрена постапка за утврдување одговорност непосредно пред да бара доверба за да биде член на Судскиот совет. Вториот кандидат, судијата Лазар Нанев, немал комплетна документација, но мнозинството членови гласале тоа да не биде пречка за тој да остане кандидат. Нанев истовремено е судијата што навиваше на трибини со ексминистерот за правда, Никола Тупанчески, и обвинителката Фатиме Фетаи, на сметка на ФФМ. Забелешката кај кандидатката Антонета Димовска е што е сестра на пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, но нема дисциплински и постапки за утврдување одговорност. Димовска важи и за критичар на судството, која потенцира дека му е потребна реформа.

Судскиот совет, кој брои 15 члена, изминатиот период се соочи со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците. Потпретседателот Селим Адеми рече дека тогашната претседателка Весна Дамева го криела писмото и за него дознале од медиумите. Таа се правдаше дека била на одмор и тој требало да го презентира писмото.

По ова, следуваше разрешување на Дамева. На јавна седница за нејзина смена гласаа седум члена. Потоа, во четири ѕида, била повлечена одлуката за разрешување на Дамева со седум гласа, па повторно се гласало и со девет гласа ја тргнале од функцијата. Сашко Георгиев, новиот избран претседател, уште неседнат, рече дека свесно била исклучена јавноста.

Жестоки реакции имаше и од правната фела, кои констатираа низа нерегуларности.

Критики упати и холандскиот амбасадор, кој го оцени ова тело како нелегитимно, а набргу потоа, пред речиси еден месец, судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет.

Макфакс

На почеток