Бугарија за истрагата за „Мал битолски Монмартр“: Обидите да се претстават ваквите позитивни иницијативи во негативен контекст загрижуваат
Бугарското Министерство за надворешни работи реагира откако во земјава полицијата отвори истрага затоа што од „Мал битолски Монмартр“ носеле деца на средби со бугарски политичари.
Според нив, овие позитивни гестови биле претставени како нешто негативно во Македонија.
„Нејасно е како како проблем се претставува демонстрацијата на почит од страна на официјални претставници на бугарската држава кон талентот на младите уметници и читањето на светски реномираното ремек-дело на литературата за деца „Малиот принц“ од шефот на државата на Република Бугарија. Повикот за поплаки против група деца кои ја посетуваат Бугарија, за што постои експлицитна согласност од нивните родители, е обид за формирање негативно јавно мислење и ставови и претставува притисок врз оние локални граѓани и организации кои го поддржуваат пријателството меѓу двете земји. Посебно вознемирува што тоа се случува во овој крајно одговорен момент, кога власта во Скопје се изјасни дека се стреми да создаде позитивна клима за усвојување на уставните измени. Градењето добрососедски односи со Бугарија подразбира радикално поинаков, европски пристап. Ги повикуваме нашите пријатели во Скопје да ги насочат своите напори за обезбедување на европската иднина на Северна Македонија. Секоја провокација која има за цел да оправда одредени политички одлуки во претстојниот клучен период ја става оваа иднина во ризик. Сметаме на институциите во Северна Македонија јасно и јавно да ја осудат оваа и другите слични провокации“, се вели во соопштението од бугарското МНР.
И дел од бугарските политичари вчера реагираа за истрагата.
Претседателот на бугарската партија „Преродба“ Костадин Костадинов побарал бугарското Министерство за надворешни работи да излезе со осуда, а осуда упати поранешниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Полицијата по допрен глас го известила ОЈО за случајот со културната установа „Мал битолски Монмартар“ која изминатиот период во неколку наврати однела деца во посета на Бугарија.
За посетата на децата на својот Фејсбук-профил на 4.јули информирал и претседателот на Бугарија, Румен Радев. Децата претходно биле и кај поранешниот бугарски премиер, Симеон Втори -Сакскобурготски, како и на гробот на неговиот татко, царот Борис Трети.