Десетици демонстранти во Израел беа уапсени во текот на ноќта во Ерусалим, Тел Авив и други градови, бидејќи незадоволните лица од владините судски реформи ги блокираа главните патишта.
Полицијата со помош на водени топови успеа да го деблокира главниот пат во Тел Авив околу еден час по полноќ по локално време.
Илјадници луѓе продолжија да протестираат на блиската раскрсница Каплан, каде што неколку часа претходно се собраа околу 15.000 лица, додека израелскиот парламент го усвои клучниот закон во планираната судска реформа на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
И во Ерусалим, полицијата употреби коњанички единици и водени топови за да ги растера демонстрантите, кои се собраа прво пред Кнесетот, а подоцна го блокираа автопатот Бегин и протестираа во близина на зградата на Врховниот суд, институција за која критичарите велат дека предложените реформи ги одземаат нејзините овластувања да ги поништат владините и парламентарните одлуки што ги смета за неразумни и штетни.
„Ние ќе продолжиме да истраеме во оваа борба, која само ќе се интензивира и на крајот Израел повторно ќе стане демократска држава. Секој Израелец што ќе излезе на улица да протестира е херој“, се вели во соопштението на организаторите на протестот непосредно по донесувањето на законот.
makfax.com.mk