(ВИДЕО) Ужасна смрдеа се шири низ Аеродром, општината бара Град Скопје да интервенира
Непријатната миризба која се шири доаѓа од депонија која не се наоѓа во Аеродром, надлежните да интервенираат за решавање на проблемот, реагираат од општината.
„По пријавите и реакциите од страна на граѓаните за непријатен мирис од запален отпад кој се шири на територијата на Општина Аеродром, општинските инспекциски служби излегоа на терен при што констатираа дека станува збор за согорување отпад од депонија не се наоѓа на територијата на општината.
Со цел решавање на овој проблем со кој се соочуваат граѓаните, Општина Аеродром веќе упати барање од Градот Скопје за преземање на сите неопходни мерки. Во оваа прилика, упатуваме апел до градската администрација и останатите надлежни институции, во рамки на своите надлежности да преземат се што е потребно за надминување на проблемот.
Здравата животна средина и здравјето на граѓаните е приоритет на Општина Аеродром и во таа насока, а согласно надлежностите на локалната самоуправа ги преземаме сите неопходно мерки за обезбедување на континуитет во одржување на јавната хигиена“, стои во објавата.