СДСМ до Собранието поднесе Декларација за Илинден.
Како што изјави на прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, оваа година се навршуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република чии што идеали беа инспирација за создавање на првата македонската држава.
Каевски рече дека идеалите на Илинденците, македонските партизани и сите оние кои се бореа за слободна и демократска Македонија и за рамноправност и соживот на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или идеолошка припадност, треба да служат како основна водилка за сегашните и идни генерации за слободна, демократска и просперитетна Република Северна Македонија.
„Македонскиот народ, заедно со припадниците на другите народи кои живеат во неа и денес ја продолжуваат борбата за демократија и просперитет, водени од принципите на прогласите на Крушевската република и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија усвоени на Првото заседание на АСНОМ кои денес се преточени во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.
Оддавајќи почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија наша должност е постојано да го искажуваме нашиот восхит и почит кон сите оние кои ги дале своите животи за слобода, испраќајќи со тоа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија“, рече Каевски.
Како што посочи, сето тоа е содржано во Декларацијата што ја поднеле до Собранието.
СДСМ очекува оваа Декларација наскоро да се најде пред пратениците и повикува секој пратеник без разлика од која партија доаѓа, да ја поддржи и таа да биде усвоена од македонското Собрание.
Макфакс