Вчерашните инциденти пред и по натпреварот меѓу бугарскиот клуб „Левски“ и домашниот „Шкупи“ се резултат на хулигани, кои се тепале меѓу себе, а повредиле и полицаец. Премиерот Димитар Ковачевски, денес, на поставувањето камен-темелник за нова полициска станица во Аеродром повика спортот да им се остави на спортистите и нагласи дека хулиганите успеале да ги преземат сите вести во медиумите.
„Тоа вчера беше резултат на хулигани и немаат никаква врска со спорот. И од едната и од другата страна. Ако ги видите вестите на агрегатите на вести, тогаш ќе видите сѐ, освен колку бил резултатот на натпреварот. Фудбалерите се дојдени да играат фудбал поради вистинските навивачи. Тоа што вчера се случи беше уште еден доказ дека фудбалот и кој било спорт треба да им се остави на спортистите и на вистинските навивачи, а не на хулигани што ги преземаат настаните пред и по натпреварот, а со тоа и сите вести. Никој не зборува кој фудбалер како играл, туку сите зборуваат кои се тие петнаесетмина, дваесетмина хулигани, кои се тепале и меѓу себе и повредиле и полицаец, кому, благодарение на докторите, повредата му е санирана и е пуштен на домашно лекување“, рече премиерот Ковачевски.
По вчерашните инциденти, во кои беше повреден и опериран еден Бугарин, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени 19 бугарски и двајца македонски државјани.
Макфакс
