Најчевска: Вметнувањето на Бугарите во Уставот не е техничка работа
Професорката и политички аналитичар, Мирјана Најчевска, на социјалните мрежи коментира дека вметнувањето на Бугарите во Уставот не може да биде техничка работа.
„Вметнувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот не е техничка работа. Исто како што не е техничка работа на пример впишување уште една оцена во книшка. Не велиме ај кај 10 петки може уште четири. Кај другите таму и тие. Станува збор за суштинска промена која го отсликува минатото на државата врз кое пак се темели нејзината иднина. Во Уставот ништо не е техничка промена. Токму затоа се бара посебно мнозинство“, наведува Најчевска во коментарот.
Понатаму таа остро го критикува и премиерот Димитар Ковачевски, надоврзувајќи се на неговата изјава дека Македонија е пред вето одвнатре, односно против уставни измени се руски ботови и платени политичари.
„Ова треба да го разбереме како повик на јавна расправа, дискусија, дебата, барање алтернативни решенија? Ова се тие политичари со мозок на винска мушичка за кои крадењето и лажењето се највисок дострел на државничко делување. Ова треба под итно да се тргне од раководна позиција и да се процесира низ системот за правораздавање (ако останал и грам право во тој систем)“, вели Најчевска.
Професорката додава дека „секој член на СДСМ кој дозволува и понатаму на чело на нивната партија и на чело на извршната власт да стои мивка како Ковачевски е виновен за она што се случува во Македонија во моментов“.
Макфакс