Пожарот кај Гоцевата шума во близина на Неготино е локализиран, а на терен остануваат само дежурните пожарникари.
Огнот изби вчера попладне, а денеска околу 14 часот пожарникарите добиле нова дојава дека пожарот повторно се разгорел.
Службите излегоа на терен со четири возила, две цистерни, теренски џип и осум пожарникари.
„Изгореа околу 20 хектари шума. Условите за гаснење дополнително беа отежнети од топлото време и ветрот“, кажа командирот на противпожарната бригада, Стојче Атанасов, во разговор со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Вчера во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Неготино и Кавадарци, а поради силината, огнот се гаснеше и од воздух.
На помош беше испратен и авионот на Дирекцијата за спасување кој интервенираше со едно истурање, по што дејствуваше и хеликоптер на МВР со ведро од 1 тон во неколку наврати.
Макфакс