Повеќе чекори ги делат ДУИ од излегување од Влада. Тие соопштија дека нивните министри поднеле оставки – но со напомена дека се условени.
Иако ваква законска формулација не постои, сепак, од ДУИ велат дека оставките не важат додека ВМРО-ДПМНЕ не гласааат за уставни измени.
Во писмото што го објави вчера партискиот лидер, Али Aхмети се наведува дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, со оглед на барањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата,
„Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат! Оставките автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставни измени“, напиша Ахмети во писмото.
Од Владата има молк, па не се знае дали воопшто ги добиле најавените оставки. „Макфакс“ го контактираше и премиерот Димитар Ковачевски, кој досега, нема коментар за најавеното условено повлекување на министрите од ДУИ.
Процедурата за оставките не е сложена и е кратка. Се доставуваат до премиерот, потоа премиерот ги прифаќа, но има случаи и кога ги одбива. Ако ги прифати, тогаш се поднесуваат до Собранието. Таму се констатираат и се бираат нови министри. Оставките ќе значат формирање нова Влада, овојпат, без ДУИ.
Министри и порано поднесувале оставки, но останале во фотелјите
Во минатото, имало неколку примери кога премиер на Влада одлучувал да не ги прифати оставките на министрите. Така, во 2009 година, по бродската несреќа во која загинаа голем број бугарски државјани во Охридското Езеро, тогашниот премиер Никола Груевски не ја прифати оставката на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески која беше поднесена од морални причини.
Лани премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипле и неговиот заеменик Илир Хасани по случајот со пожарот на тетовската модуларна болница каде што загинаа 14 лица.
Овие оставки не беа условени, но не беа ниту неотповикливи.
Се памети случајот на министерот Антони Пешев, кој раководеше со Министерството за транспорт и врски, а поднесе неотповиклива оставка за авионската несреќа во 1993 година. Неотповикливо ја напушти премиерската функција и Хари Костов во 2004 година.
Понуди за оставки имало и други. Ексминистерот за внатрешни работи, Љубомир Фрчковски само понуди оставка поради атенатот на Киро Глигоров, но не замина од функцијата.
Ќе прифати ли Ковачевски да продолжи сам, без ДУИ
Засега молк од премиерскиот кабинет. Ковачевски не се изјасни што мисли за условените оставки на министрите од ДУИ. „Макфакс“ испрати барање до Владата, да ни се достават дописите од министрите со кои се повлекуваат од функциите. Досега нема одговор.
СДСМ вчера по најавените оставки се обрати преку партиско соопштение, коментирајќи дека ДУИ го ставила државниот пред партискиот интерес и покажала одговорност кон врвната стратешка цел – европската иднина на земјата и граѓаните. Од партијата посочија дека се исполнети сите услови на Мицкоски и одговорноста е кај него.
Која е процедурата за излез на ДУИ од Владата?
Со оглед на тоа што се работи за т.н. условени оставки, најпрво ќе се чека опозицијата да даде „зелено светло“ за уставните измени.
Ако измените поминат, оставките на министрите и функционерите од ДУИ би стапиле во сила и партијата ќе ја напушти Владата.
Следен чекор, согласно барањето на ВМРО-ДПМНЕ кое беше објавено по лидерската средба пред два месеца, би било формирање на преодна влада без ДУИ.
Макфакс