Груевски со честитка за празникот: Нека се честити и нека се вечни двата Илиндена, нека е вечна Македонија
Денес е Илинден и денес Македонија и Македонците славиме јубилеј -120 години од Илинденското востание. Денес исто така се навршуваат 79 години од првото заседание на АСНОМ.
Нека се честити и нека се вечни двата Илиндена. Нека е вечна Македонија, вели поранешниот премиер Никола Груевски.
„За значењето на овие два празника многупати е зборувано и пишувано. Но, на Илинденското востание може да се погледне и од еден друг агол, од аголот на дипломатските извештаи и дипломатската борба, ако воопшто може да стане збор за такво нешто, имајќи ги во предвид нерамномерноста на силите на двете страни на тој план. И секако со посебен осврт на делот на односот кон невиното и цивилно население како дипломатска тема и инструмент во секоја дипломатска битка, во секој вооружен конфликт.
Како и во секоја војна, востание, вооружени борби и слично, паралелно со воениот конфликт се одвива и дипломатска и пропагандна битка, која може да е пресудна за конечниот исход.
Тоа се случувало и за време на Илинденското востание.
И денес Македонија е во дипломатскиот котел, за среќа без војна и со државност, институции, меѓународно присуство, амбасади, медиуми, сојузништва, итн која тогаш ги немала.
Ако денес од една таква позиција, гледаме како мала земја колку е тешко да се успее покрај поголемите и посилни држави, можеме само да замислиме каква невозможна мисија бил тогаш дипломатскиот успех и пропагандната војна.
Со обзир дека Макеоднија немала своја држава, министерства, амбасадори во странство, свои медиуми (весници) и слично, востаниците главно се обраќале со писма и информации, како и со барање подршка до локалните конзули и вице конзули на големите сили, или разни испратени мисионери, советници и сл. од владите на големите сили, или странски новинари кои барале контакт со нив.
Во оваа прилика ќе направам делумен осврт на тоа како дипломатите на две големи сили во тоа време во Македонија го доживувале востанието додека тоа се одвивало, за што се залагале како гледале на двете завојувани страни особено за нивниот однос кон цивилното население, христијанско и муслиманско. И оттука која била реалната или барем блиску до реалната состојба во делот на односот кон цивилното население, наспроти пропагандата.
Овој момент бил исклучително значаен во придобивањето симпатии или антипатии, подршка или подршка на другата страна, или барем слика за востаничките сили во очите на големите сили во странство.
Од текстот подолу ќе се види и покрај малото искуство и речиси никакви позиции во однос на противникот, колку востаниците внимавале на овој момент, и колку се обидувале да направат нешто на тој план, но треба да се знае дека и османлиската империја и нејзините сојузници, вклучувајќи ги големите сили на кои не им одговарало нејзино брзо распаѓање заради предноста на теренот која ја имале Русија и Австро-Унгарија, паралелно водела далеку и неспоредливо посилна пропагандна и дипломатска борба, прикажувајќи сосема различна ситиација, а големите сили тргнувајки од своите интереси, и онака не биле подготвени за нивна воена интервенција, па пропагандите и дипломатслите активности против востаниците им биле додатна причина да го објаснат своето не вмешување во настаните или кај некој од нив и подршка во што побрзо задушување на востанието.
Дипломатите од теренот секако испраќале секојдневни телеграми до своите главни градови пренесувајќи сѐ што дознале и што се случува на теренот.
Понекогаш имале и погрешни информации, или полу точни информации, но честопати и точни.
Со обзир дека тие писма и телеграми се подолги, во овој текст правам еден извадок од повеќе писма и телеграми на дипломатите на Австро-Унгарија и од дел од Британски архивски документи од нивни дипломати во Македонија.
Забележливо е дека дипломатите известувале дека востаниците многу внимавале да нема цивилни невини жртви на двете страни, тоа го сметале за човечно и со тоа само потврдувале дека не се некоја разбојничка банда туку револуционерна организација за ослободување која имала легитимни цели како војска, полиција (џандармерија), чифлиг-сајбиите и политичките преставници на империјата, додека по задушувањето на востанието османлиската војска е немислосрдна и многу брутална кон цивилното население и неговиот имот.
Секако, како што потенцирав имало и тоа како многу извештаи и пропаганди до европските големи сили и за обртна ситуација на теренот, во кои се говорело за ѕверско и криминално однесување на востаниците кон муслиманските и особено турските цивилите.
Со обзир дека тогаш Македонија немала своја држава и директен пристап на свои политички преставници со властите и министрите на големите сили, па да може да се спротистави и да ги негира тие пропаганди, тоа многу лошо се одразило на Македонија во однос на посакуваната подршка од големите сили и евентуалното нивно вмешување во оружениот конфликт во Илинденското востание, што било една од посакуваните цели.
Подолу следуваат извадоци од дел писмата и телеграмите од теренот од Македонија главно до Министрите за надворешни работи на Австро-Унгарија и Велика Британија.
Во некои од писмата датумите ги пишувале по стар стил, во некои по нов.
Познато е дека во тоа време согласно милет системот на османлиската империја населението го нарекуваат според црквата на која припаѓа и во која одат луѓето, како и училиштата кои во тоа време се единствено црковни и непостоја цивилни училишта. Па така Македонците кои одделе во бугарската егзархија, а повеќето оделе таму, се нарекувале Бугари, оние кои оделе во грчката патријаршија биле нарекувале Грци, а помал дел оделе во српски и влашки цркви, па соодветно според избраната црква се нарекувале.
Тоа секако не изразувало етничка припадност, туку спиред милет системот црковна припадност, од расположливите цркви дозволени од власта во тоа време.
Македонска православна црква во тоа време немало. Охридската архиепископија била одамна укината. Населението можело да оди во една од дозволените цркви кои поттикнато од властите на нивните матични земји со сите расположливи средства вршеле голема агитација за да привлечат повеќе верници кај нив.
На тој начин и дипломатите во поголем дел од преписките ги ословувале Македонците, или како христијанско население, или според црковната припадност како Бугари, Грци, и поретко Срби и Власи. Понекогаш и како христијанско-словенско население. Во поретки случаи го именувале како Македонци.
Од 1760-тите до 1870-та година единствената православна црква била одобрена на Грците; така што сите православни христијани биле класифицирани како „Грци“ во Македонија. Многу од овие таканаречени Грци всушност не го разбирале ни грчкиот јазик. Во 1870 година, султанот Абдул Азиз го овластил создавањето на Бугарската Егзархија, Православна Црква чиј обред се одржувал на бугарски јазик.
Таа брзо ја замени Грчката православна црква во многу делови на Македонија.
во текот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век.
Во текстот во точката 5 има и дел околу односот на бугарските преставници во дипломатските кругови и нивното силно негирање дека имаат било што заедничко со организирањето на Илинденското востание, препишувајќи ја таа активност на локалното население и водачи од внатрешната организација од која практично се оградиле. Уште повеќе, тие се докажувале пред странските дипломати дека прават се да спречат било каква помош за востаниците.
1.Конзулот на Австро-Унгарија во Солун Ријард Хикел испратил телеграма на 2 август 1903 година до неговиот Министер за надворешен и работи (во понатамошниот текст ќе ја користам скратеницата МНР) грофот Агенот фон Голуховски.
Во неа се гледа каков однос уште од самиот почеток на востанието имале востаничките сили во однос на невините цивили. Конзулот од Солун го започнува своето писмо со зборовите:
“Благороден Грофе,
Како дополнување на мојата вчерашна шифрирана телеграма бр. 20, чест ми е да Ви го доставам, во прилог кон неа, споменатиот допис од „Главниот штаб на револуционерниот комитет за Македонија и Одрин” до тукашниот инспектор на Ориенталните железници (господинот Емануел Штајнер) и тоа копие на преписот што последниов ми го испрати…”
Конзулот понатаму пренесува писмо кое го испратиле членовите на востаничкиот штаб.
Тој во писмото до МНР во чии прилог е и писмото од востаничкиот штаб, укажува дека членовите на востаничкиот штаб меѓу кои Дамјан Груев и Борис Сарафов, со писмо испратено од името на штабот ги предупредиле властите на османлиската империја дека ќе има диверзантски акции меѓудругото и на железничките линии со цел тие да запрат со сообраќај а во целите на востанието. Известувањето било за да се одбегнат невини цивилни жртви, но укажува дека османлиските власти не го направиле тоа, туку напротив испратиле засилувања за да се чува пругата од диверзантски акции кои се судрувале со востаничките чети.
“Инспекторот Штајнер уште вчера вечер отиде (во 81/4 часот) кај генералниот гувернер Хасан Феми-паша. Се разбира, тој изјави дека по никаков начин не го зема во обѕир советот на комитетот и дека ќе настојува понатаму да ce постави уште поефикасна стража од турски војници на пругата”.
Еве го во целост краткото писмо на Сарафов и Груев до директорот на железницата во Солун:
“До Дирекцијата на Ориенталните железници во Турција”)
Господине директоре,
Главниот штаб на Македоно-Одринскиот револуционерен комитет има чест да ја извести почитуваната Дирекција на Ориенталните железници, дека овие денови реши да отпочне со востанието во името на слободата на христијанското население во Македонија и во Одринскиот вилает, против турскиот режим, којшто од пет столетија наваму не само што не ги признава најосновните човечки права, туку не покажал и не дава ни најмала гаранција за животот, среќата и честа на христијанското население, кое следствие на овој режим, дојде до последната крајност, поради кое е принудено да му објави борба на својот крвен непријател со повикот – „Слобода или смрт!”
Бидејќи ова востание по апсолутна неопходност ќе биде проследено од некои атентати врз железничките патишта гореспоменатиот Главен штаб има намера (што е и човечно) да ја извести вашата почитувана Дирекција таа да има предвид за време на овие денови да не им позволи на жителите од овие краишта да патуваат со Ориенталната железница, за да не станат невини жртви.
Примите, господине, израз на нашата длабока почит.
Ова писмо го праќаме преку брз курир заради ова.
Членови на Главниот штаб Дамјан Груев Борис Сарафов итн. Битола (планината Пелистер) 25 јули 1903
2.Понатаму на почетокот на востанието конзулите почнуваат да ги опишуваат нападите на востаниците, уништувањето на железничките и телеграфски линии, рушењето на бандерите, судирите на четите со османлиската војска и џандармерија.
Аугуст Крал бил конзул на Австро-Унгарија во Битола од 1897 до 1904 година. Претходно од 1894 година бил на различни дипломатски должности во Отоманската империја и Персија, а подоцна после мисијата во Битола бил и конзул но и со посебна улога, активности и овластувања во Скутари (денешна северна Албанија). По првата светска војна станал генерален конзул на Австрија во Хамбург-Германија и амбасадор на Австрија во Софија и амбасадор на Австрија во Анкара.
Конзулот на Австро-Унгарија во Битола Аугуст Крал на 4 август 1903 година го информира МНР А.Ф.Голуховски:
“…Сега станува јасно колку погрешно било мнението на оние кои веруваа дека македонската опасност од востание поминала, дека реформите го примириле населението и тн., додека всушност револуционерните припреми никогаш не биле прекинати и секако покажале значителни успеси.
Причините што поттикнале кон напаѓање уште сега, пред завршувањето на работите околу жетвата, значи околу 14 дена порано одошто било предвидено, изгледа дека биле од економски и климатски карактер. Веројатно во последно време усилено вршените мачења и претреси по селата им нанеле на комитетите штета во материјали, така што, очигледно се плашеле од понатамошни загуби.
Во петок, сабота и недела, пратениците на четите им објавиле на селата дека во недела вечерта, на 20/2 август, ќе се објави востанието, која вест насекаде била примена со воодушевеност и поздравена како некакво спасение. Во определеното време, во неделата вечер со пожари од сите страни било сигнализирано за излегување на востаниците.
Во Битола два топовски истрела го објавиле запалувањето на два огна што биле подготвени на периферијата од градот од една страна како сигнал за околијата, а од друга страна да им го олеснат бегството на востаниците во хаосот што во секој случај ќе настапи. Оттогаш секоја ноќ вревата и огнот го крева од сон населението, без досегашните пожари (складови на сено, воденици, житни резерви) да причиниле значителна штета…” .
Понатаму во телеграмата козулот во Битола педантно информира за сите нападнати пунктови од страна на четите за кои дознал одејќи село по село и град по град споменувајќи ги Битола и битолско, Мариово, леринската околија, Преспа, Ресен, Демир Хисар, охридско итн.
“…Најкрвави насилства се вршеле во Смилево (северно од Гопеш), каде се стрелало на тамошниот мал гарнизон при молитвата, нешто отепани има и во Крушево, каде телефонската зграда на мудирот, малата касарна, беа запалени, војниците совладани и поставени знамиња на највисоките места од градот. Присутните владини службеници и жандарми биле истепани, а управителот на телеграфот кај чешмата обесен. Патот што води нагоре во серпентини е расипан, шумата заземена од востаниците.
Во Смилево се смета дека бројот на активните востаници изнесува околу 500, кај Крушево повеќе од 800, обете места до денес се во нивна власт. Токму сега ја добив од сигурен извор поверливата вест, дека трупите што се испратени од Битола и Прилеп на помош (за Крушево) ги зазеле двете спомнати места, при што во Крушево имало 170 мртви – Турци, востаници и тамошни жители.
Слични извештаи со подробности во кое село кога и каков напад е извршен се гледаат и од британските архивски документи.
3.Британскиот вице конзул во Битола Џејмс Мекгрегор, на 4 август 1903 година го известил за случувањата британскиот генерален конзул во Солун:
“Господине,
Како потврда на мојата телеграма со денешен датум, испратена до Вас за да му ја доставите на Неговата екселенција, а во врска со прекинувањето на телеграфските врски, имам чест да Ве известам дека вечерта на 2 о. м., на празникот на пророкот Илија, во рамнината на Битола и блиските области, со истовремени истрели од предградието на овој град и во соседното село Брусник беше даден сигнал за оружено востание. Една од првите акции на востаниците беше да ги пресечат телеграфските жици што ја поврзуваат Битола со Солун, Прилеп и Охрид, телеграфските столбови со жиците и изолаторите се однесени во соседството на Екши-Су, каде што бил користен динамит за уништување на еден мал мост и една точка на железничката линија. Освен тоа, валијата ме информира дека неколку стотини метри од железничката линија близу Баница насилно биле онеспособени, но бидејќи дневниот воз пристигнал само еден час подоцна следната вечер, изгледа дека штетата била брзо поправена. Истовремени напади беа извршени во Ресен, Доленци, Рамна и во Лера.
Во Охридската кааза муслиманите, кои беа добро вооружени, по неколкучасовната борба успеаја да го одбијат востаничкиот напад. Единствена жртва од турска страна била, колку што знам, една убиена жена, а неколку амбари и стогови со сено биле претворени во пепел. Поштата што беше испратена од Битола за Корча мораше истата вечер да се врати, бидејќи патот за Ресен беше непреоден поради пукотниците, а дванаесет часа подоцна таа беше испратена повторно, но сега придружувана од 25 жандарми.
Бидејќи валијата во меѓувреме прими вести за извршениот напад врз малиот број турска војска во Смилево, тој веднаш испрати таму 350 војници со наредба да поминат низ ресенскиот регион и да известат за сето она што се случило таму. До ова попладне тој сè уште немаше добиено вести, а се шират гласини дека патот меѓу Битола и Ресен бил пресечен. Ова е случај и со парот што води од Ресен до Корча, кој беше уништен на неколку места по должината на западниот брег на Преспанско Езеро. Истата вечер се водела жестока борба во Прибилци, јужно од Крушево, а исто така се разгласи дека востаниците ги завзеле Крушево и Кичево, убивајќи ги турските службеници и палејќи ги владините згради во Крушево…”.
Понатаму конзулите детално и редовно испраќаат многу писма со информации за борбите, акциите на четите, возвратните напади на воено-безбедносните сили на власта, но и воени и политички проценки и анализи. Исто така не пропуштаат да ја нагласат огромната разлика во односот кон цивилните невини жртви на востаниците наспроти османлиската војска и башибозук.
4.На 15 август 1903 година конзулот на Австро-Унгарија во Битола Аугуст Крал го известува МНР А.Ф.Голуховски:
“Благородни грофе,
Без оглед на сите злонамерни изјави на печатот, востаниците досега воглавно не се огрешија со некои свирепости, што би биле спротивни на основните поими на цивилизацијата и човечноста, тие дури во своите постапки не пречекорија извесна мерка на воздржливост.
Од објавувањето на востанието тие стапија во борба, решени да ги напаѓаат само војските, официјалните личности, потоа сопствениците познати како угнетувачи, но избегнуваат, колку тоа да звучи малку модерно и да не одговара на сегашниот тон на весниците, од насилства спрема оние што не учествуваат, спрема невооружените, невините.
Востанието отпочна со напади на воени и жандармериски одреди, стражи, стражарници, помали гарнизони, железницата, телеграфот итн.
Во Смилево, каде што еден дел од посадата беше стрелан, мудирот и службениците беа поштедени. Селата Доленци, Лера, Рамна, кои беа познати како тирански, мораа да издржат напад и опожарување само затоа, што тие беа страв и трепет за соседите и помогнаа во Цапари да се пролее многу крв.
Во Ресен турскиот имот остана неоштетен.
Само во Крушево беа отепани турските службеници, полицаецот беше обесен и една турска жена која стрелаше беше убиена.
Раководството на востанието во сите турски месности дури раздели една прокламација составена на турски јазик, што им ја гарантира сигурноста на животот и имотот на мирните жители, кои не дигаат оружје против Бугарите.
Но откако започна турската реакција и откако за губиток на еден чифлик се одговара со опожарување на две до три христијански села, откако војниците вршат по битолските улици нечуена трговија со предмети грабнати во селата, откако христијаните, без оглед на вероисповед, ги убиваат понекогаш на ужасен начин само од желба за одмазда, изгледа дека се подготвува промена и во начинот на постапувањето на комитите.
На ова укажува едно писмо од револуционерниот Главен штаб од 12 овој месец, кое вчера по доверлив пат им е доставено на битолските претставници на големите сили и кое сум слободен да Ви го испратам во прилог заедно со германскиот превод.
Кон наброените во него уништени села треба денес да се додадат: во Леринска каза: Прекопана, Неред, Арменско, Неокази, Буф, Во Битолска: Битуша, Раково, Опсирина, во Костурска: Д’мбени; во Преспа: Герман, делови од Ремби, Рудари, Љубојно.
Од пооддалечните делови на вилаетот нема никакви вести поради прекинатите врски.
Истото го соопштувам во Цариград под бр….
Вашата Екселенција, нека прими израз на мојата најдлабока почит
Крал
(Политичка архива ХХХѴш, фасц. 334)
ПРИЛОГ
ГЛАВЕН ШТАБ НА ВТОРИОТ МАК. ОДР. РЕВ. ОКРУГ „ВРВ ПОБЕДОНОСЕЦ” 30/VII 1903 Nо 368)
До дипломатските претставници на Големите сили Во гр. Битола
Натоварени од нашите другари и од народот да го раководиме Ослободителното движење во Битолскиот вилает, сметаме за свој долг да Ви го ставиме до знаење следново:
Турската влада, чувствувајќи се бессилна да ги уништи директно нашите вооружени сили, им препорача на своите војски еден од најварварските начини за задушување на Движењето што се состои во ограбување и горење на христијански села и во обесчестување и убивање на жени и деца.
Изгорени се следните села:
Во Ресенска каза на 21 овој (месец Д. 3.) селата Леорека и Круше, а на 24-и овој (месец Д. 3.) с. Болно.
Во Охридска каза од 21 до 25 овој (месец) изгорени се селата: Оздолени, Лешани, Сирула, Таш-Муруништа, Мешевишта, Ботун, Црвена-Вода, а исто така и Лештанскиот манастир „Св. Јован“.
Во Демир-Хисарска каза – изгорен е дел од с. Смилево и дел од с. Загорич. Сите овие села претходно се ограбувани и потоа запалени.
Ако беззаштитните жени и деца од споменатите села не избегаа во планина, сигурно ќе беа исклани. Дека е тоа така, се докажува од следните факти:
Во село Смилево војската што продре најде жена, што не успеала да побегне; без никакво запрашување таа беше убиена.
Во село Сирула (Охридско) заклани се една жена и една Мома кои исто така не успеале да побегнат.
Знаеме сигурно дека има и по другите кази на Вилаетов изгорени христијански села, но за нив ќе Ви соопштиме ако стане нужда, кога ќе добиеме точни податоци.
Повторуваме уште еднаш, дека сите гореспомнати села се изгорени било само од војската, било од последната со помош на башибозукот.
Соопштувајќи Ви го ова, Господине Агенте, изјавуваме: ако досега сме успевале да го запираме христијанското население во Вилаетов од дејства спрема турските села, како оние на војската и башибозукот спрема христијанските, тоа во иднина не ќе биде можно.
За сé што ќе станува во иднина нека одговара турската влада, која дава слични наредби на својата војска и башибозукот.
Примите, Господине Агенте, искрени уверувања за почит.
Од Главниот револуционерен штаб) (Печат)”
Сличен извештај истиот конзул испраќа до истиот министер за надворешни работи на Австро-Унгарија на 17 август 1903 во кој вели:
“Додека востаниците палат чифлици на намразените Турци, но ги штедат муслиманските селски жители, војниците и башибозукот досега опожарија тотално веќе над 22 христијански села”.
И британскиот вицеконзул во Битола Џејмс Мекгрегор кој почесто праќа извештаи базирани на османлиски извори, го известува британскиот генерален конзул во Солун Роберт В. Грејвс на 10 септрмври 1903 година за злосторствата врз цивилното население:
“…Бидејќи бев добро запознаен со злосторствата извршувани од турските војски во околината на Битола и Лерин, не гледам причина да не верувам во точноста на фактите изнесени во гореспоменатиот документ, иако немаме никакви добри вести од Крушево, Ресен и од Дебарца. Молчењето на властите заедно со лошите гласини што се шират го оправдува сознанието дека поплаките против Турците во овие области се основани и вистинити.
Додека властите изјавуваат дека извесен број востаници доброволно се предале и дека селаните постепено се враќаат во нивните домови – од кои голем дел повеќе не постојат – правата вистина е дека некои од селаните што ги напуштиле своите села на повик од востаниците всушност се вратиле и сега страдаат од свирепоста на војската и од каприците на властите, а изнесениот број членови на четите сè уште опстојува и немаат намера да ја предадат борбата.
5.Интересни се изјавите високите бугарски преставници дадени кон дипломатките преставници на големите сили во тоа време.
Британскиот генерален конзул во Софија во тоа време Ф.Х.Е. Елиот на 12 август 1903 година го известил државниот секретар за надворешни работи на Велика Британија маркизот од Ленсдаун:
“Господине,
Надежите дека за Македонија ќе дојдат помирни времиња беа разнишани со вестите за избувнувањето нови немири во Битолскиот вилает на 2-ри овој месец. Генералот Петров, кој планираше да ја посети Дупница и границата со министерот за внатрешни работи г. Петров, го откажа своето патување поради страв дека ќе биде погрешно сфатен и ги прими дипломатските претставници како и обично на 8-ми овој месец. Неговата екселенција не одрекуваше дека вестите се многу сериозни, но изјави дека тие нема да придонесат да се измени неговата политика за задржување лојален и коректен став спрема Турција и правеше напори да го спречи, колку што може, учеството на оваа земја во револуционерното движење. Тој само побара од турската влада во неговото задушување да употреби регуларна војска со цел да се избегнат какви било ексцеси и да се спречи ширњето на востанието во близина на бугарската граница: во спротивно тој нема да одговара за последиците.
Тој рече дека востанието е исклучиво дело на Внатрешната организација и оти востаничките чети биле чисто локални;
четите што ја преминале границата од оваа страна биле или уништени или се вратиле во Бугарија и ниедна чета, ниту пак поранешни офицери во последно време не ја преминале границата: на пример полковникот Јанков, кој весниците пишуваа дека бил во Македонија, всушност е во Софија. Го прашав дали знае нешто за таканаречениот Генерален штаб на Организацијата, која го повикала народот на оружје, со Даме Груев, П. Тошев, Борис Сарафов и Лозанчев и дали некој од нив, освен Сарафов, бил поранешен офицер во бугарската армија. Тој одговори дека единствено го знае Груев, кој бил учител, но никој од нив, освен Сарафов, не служел во армијата. Потоа дознав дека и другите двајца беа учители или училишни инспектори…”.
Конзулот раскажува и што дознал од турските власти: “…Османлискиот комесар Али Ферух-бег, кој влезе кај министерот пред мене, изгледаше задоволен од изјавите на Неговата екселенција. Тој ми кажа дека бугарските власти, според информациите што ги добил, успеале да запленат 28 килограми динамит кај Хебипчево (гранична станица на железничката линија за Константинопол) и околу 300 празни бомби во Самоков; дека на железничката линија Софија – Радомир случајно бил откриен и запленет еден сандак со куршуми. Во врска со празните бомби во Самоков, братот на г-ѓата Цилка, кој е спомнат во писмото на д-р Кларк кој ме посети завчера, ме извести и дека бројот на запленетите бомби изнесувал повеќе 1.000…”
Понатаму конзулот наведува: “…Сепак, јас и сите мои колеги, освен турскиот комесар, чии погледи не треба да се менуваат според впечатоците од моментот, главно и веруваме на бугарската влада дека искрено сака, во рамките на нејзините можности и според околностите, да ја спречи секоја помош што ќе му се даде на револуционерното движење…”.
“…Сегашното востание во Македонија ја изненади оваа влада, бидејќи се верува дека комитетите вршеа подготовки за кревање востание на крајот од овој месец, и како што сум известен, Комитетот на Михајловски – Цончев тоа сè уште го прави…”. (Станува збор за врховниот македонски комитет кој во тоа време е под водство на Михајловски-Цончев приврзаници на бугарската власт, м.з).
Британскиот воен аташе во Терапија Ј.Р. Монсел до својот амбасадор во Константинопол на 19 август 1903 година анализира:
“Востаниците со својата активност во Битолскиот вилает изгледа постигнаа важен резултат, имено доколку избувне војна со Бугарија, Турците нема да можат да соберат доволно воена сила од својата многубројна војска за успешен марш на Софија. Во таков случај железницата, која ќе биде нивна главна комуникација, веќе е делумно оштетена и невозможно ќе биде да се планира офанзива во Бугарија што ќе води преку Егри Паланка или Струмичката долина…”
Сепак, јасно е дека Бугарија немала таква намера за влегување во војна со Турција за да го овозможи ослободувањето на Македонија. Уште во фебруари пред востснието кнезот Фердинант имал еден непријатен разговор и остар судир со рускиот преставник во Софија Бахметев, по што почнало приближување кон Британија, која заедно со Франција влијаела на Турција да прифати дел од реформите во Македонија и со тоа да ја подобри позицијата на Бугарија, што делумно и се случило, но тие реформи не се почуствувале меѓу населението во Макеоднија.
Во својата книга “Македонија и Кнежевството Бугарија (1893-1903) во издание на институтот за национална историја од 1977 година д-р Крсте Битоски наведува: “…дека поради изгледите да се прифатат извесни реформи и некои други мерки, кои, рековме, оделе, пред сè, во прилог на зацврснувањето на бугарската пропаганда, бугарската политика била заинтересирана во моментот за извесно затишје во Македонија. И тоа е разбирливо кога се знае дека нејзината цел никогаш не била востание, преку востание и помош на едно такво востание, да се постигне ослободувањето на Македонија. Бугарските влади, како што веќе ни е познато, биле заинтересирани за „востанија” во Македонија, но за такви кои би послужиле како средство за притисок врз европската дипломатија и султанот во стремежот да се добијат реформи, да се добијат привилегии, да се создадат услови за засилување на бугарското влијание во Македонија и за прифакањето на Кнежевството Бугарија од Европа како најзаинтересирана страна и најприроден претставник на мнозинството во оваа турска провинција. Сè така, додека не дојде оној момент кога 200 000 бугарски бајонети требало да ја поразат Османската империја и да го „ослободат“ она кое веќе е „природно бугарско”. Со таква и слична цел биле допуштени вооружените акции во 1895 и 1902 година, низ таа призма се гледало и на востанието кое требало да се дигне под раководството на МРО. Меѓутоа, точно ова востание како да ги расипувало сметките на бугарскиот двор и влада. Кога европскиот реформен план каков-таков само што почнал да се применува, а Начович преговарал во Цариград за нови реформи и нови привилегии, едно востание во Македонија можело сè да расипе и според тоа во моментот не било пожелно во Софија…”
6.Конзулот на Австро-Унгарија во Битола Аугуст Крал, и неговиот живот бил во опасност од страна на Турците во тоа време заради неговите ставови и активности кои биле во полза на Македонците.
Тоа било особено по убиството на рускиот конзул во Битола – Ростковски од страна на османлиите а во присуство на неговиот возач и на Крсте Петков Мисирков. Спиред извештајот на британскиот конзул Растковски знаел да ги провоцирал војниците и стражарите. На 8 август 1903 година, ден сабота, за време на востанието, Александар Аркадиевич Ростковски бил застрелан и убиен на периферијата на Битола. Ростковски бил царски руски конзул поставен во тој град; неговиот убиец бил Халим, отомански војник со албанско потекло, за кого имало сомнеж и дека конзулот го провоцирал. Руската влада побарала брза разврска. Султанот и неговите министри вложиле големи напори да ја покажат својата искрена тага поради убиството и понудиле значителни репарации. Русија изразила незадоволство од одговорот на Османлиите и заканувачки испратила дел од својата Црноморска флота веднаш во отоманските води. Поставила специфични барања, вклучително и реформска програма за Македонија. Со мало двоумење султанот ги прифатил и кризата меѓу двете империи поминала. Русија уште пред востанието не го подржувала истото, и наместо тоа подржувала реформи.
На 18 август 1903 година конзулот на Австро-Унгарија Аугуст Крал известува но и се обидува да поттикне реакција кај неговиот министер Голуховски:
“…По селата се вршат различни колежи. Сите христијани, особено Грците и Романците, се во ужас поради грозните примери на недисциплинираност и свирепост од војските. Турците се многу самоуверени, се разбира дека постои страв тие да бидат овластени да извршат крвави дела како во Ерменија. Колку подолго силите се колебаат, толку поужасни настани можат да се очекуваат.”
На 22 август 1903 година тој известува:
“Се случува поединечно да се вратат беспомошни луѓе, но не се случува востаниците да го положат оружјето. Борби на помали чети со војската се чести”.
Во телеграмата од 27 август тој го известува министерот:
“…Ако не настапи некое такво натамошно распространување на пожарот од вилаетот(се мисли на Битолскиот м.з.), Турците веројатно ќе успеат со жестокост да го задушат во крв и оган овдешното движење, но не смеат да се надеваат, дека ќе го изгаснат пожарот. Тој и понатаму ќе тлее под снежниот покров на зимата и при прв удобен случај ќе пламне можеби уште посилно, бидејќи очајот на илјадниците луѓе без покров и средства, кои се жртви на сегашното востание, не познава никакви граници и ќе има доволно време да се организира приклучувањето на другите вилаети.
За одвивањето на востанието во Битолскиот вилает се шират во светот најлажни вести. Љубовта кон вистината, а не пристрасноста во прилог на христијаните или кон некоја народност, инаку јас сигурно веке често сум ја докажувал својата особена симпатија кон мухамеданите – ме принудува да констатирам, дека — сосем спротивно на погледите што печатот ги застапува со такво задоволство постапката на востаниците беше хумана и лојална, а постапката на Турците варварска, свирепа, азијатска. Што првите не ги фаќаа своите противници со ракавици, тоа спаѓа кон револуцијата, сосем така како и уништувањето на врските, железниците, патиштата, телеграфот, за да се спреча надоаѓањето на трупи и известувачката служба на непријателот. Со цел материјално да се ослаби непријателот се палат амбарите со жито, чифликчиските куќи, таканаречените кули на Турците насилници, значи во никој случај не на сите без разлика, но не и селата, живеалиштата на невините и таквите што не зеле учество.
Турците, напротив, премногу слаби и премногу кукавички да стапат во борба со востаниците по планините, но исто така понекогаш и бесни поради претрпениот неуспех, се нафрлуваат на местата и после пљачкосувањето на нивните куќи, убивањето на многу жители, обесчестувањето на жени и девојки, ги срамнуваат со земјата. Јас нема да пропуштам во својот извештај да ги приведам сите докази за овие тврдења, заедно со подробностите. Масакрираните се претставуваат како да паднале во борбата, при што би требало – како се вели – да се оправдаат евентуалните прекршоци поради наводните заседи или поради фрлањето бомби.
Всушност, од уништувањето на Смрдеш четите, сходно добиените инструкции, избегаваат судири со трупите во населбите токму за да ги поштедат овие и да не се лишат самите од базата за снабдување.
Таканаречените ѕверски дела на комитите, поради кои се дига толку многу врева, во сегашниов момент се приказна, и од почетокот на воената положба исто така не се случи убиство за одмазда.
Сосем смешно е тврдењето, дека задушувањето на востанието не уследило уште поради хуманата намера на Турците да се избегне непотребното крвопролевање; единствената причина е хаосот во турскиот табор, неподготвеноста, нерешителноста и силината на бугарските позиции.
Исто така слабо се водат преговори со востаниците, што би било залуден труд, веројатно поради присилното пронаоѓање на оружјето со тепање по петици. Во ниеден случај не се вратија чети што имаа пушки, напротив, секако се вратија оние невооружени селани што од страв побегнаа в планина, што токму поради прашањето на исхраната претставува само полза за востаниците.
Во секој случај за ова може да се наведе како пример Дебар, тамошните Бугари, предадени на милост и немилост на шиптарскиот елемент, воопшто никогаш не се осмелуваа да востанат. Еден повторен обид македонската опасност да се отстрани со повеќе од проблематични превентивни средства, нема да успее како и првиот обид.
Од руска страна се бара како полезен лек за смирување на населението зголемување на конзулите, што без претходно потполно смирување на земјата и правно задолжително поставување на странска контрола би била само една сосем неискрена привидна мерка. Повеќе трошење на мастило и хартија од страна на овие конзули не би значило уште никакво подобрување на правото и управувањето, никакво земање во обѕир на оправданите жалби и барања.
Од друга страна едно претерано излегување во пресрет на христијаните би можеле да предизвика огорченост кај Мухамеданите за уште поопасни истапи, што турската влада нема нити сила, нити искрена волја да ги ограничи.
Поради тоа проблемот станува од ден на ден понеразрешлив, и само директното замешување на една или повеќе силни раце би можело да воспостави ред.
Бидејќи ова интервенирање не се предвидува, а сега исто така не е ни можно, на христијаните што живеат во Македонија им претстојат уште жални денови, тешки борби, свирепо проливање на крв…”
7.Советникот на Австро-унгарската мисија во Софија Јохан Форгач во својот извештај од 27 август 1903 година дава јасна слика за силата на внатрешната македонска револуционерна организација, наспроти силите на во тој момент пробугарскиот врховен македонски комитет предводен од Михајловски и Цончев. Тој пишува и за ангажираноста на првиот претседател на МРО д-р Христо Татарчев кој во тоа време е задграничен преставник во Софија.
“Откако во Битолскиот вилает повторно избувна востанието, а особено од 14 дена наваму, луѓето на Комитетот пак се трескаво активни. Но, душата на движењето не е веќе Михајловски, туку д-р Татарчев од внатрешната организација.
Михајловски, Цончев и тн., барем како што изгледа, се повлекле во заднина. Првиот сега се занимава скоро исклучиво со пропаганда преку печатот; но и при тоа води претпазливо сметка своите бунтовнички статии да не ги објавува почесто во својот сопствен орган, колку во другите весници. Ова претпазливо држење, како што слушам, треба да се објасни како знак од страна на владата, што ја изрази јасната желба дека Михајловски како претседател на Комитетот, кој Комитет, како што е познато, го создала, така да се рече, самата влада, не смее да и прави незгоди.
Дотолку поотворено и поенергично работи д-р Татарчев. Тој ја има задачата по секоја цена и колку е можно поскоро да собира пари и регрути за четите. Парите се набавуваат освен од прилозите, што сега пак побогато доаѓаат од страна на одделни поимотни Бугари и од таканаречени бугарски добротворни здруженија, воглавно од Македонци што живеат во Бугарија, а евентуално се прибираат и на сила. Како најмал прилог што треба да го платат дури и најсиромашните луѓе определени се 5 франка. Но само од тукашните Македонци, што се од Охридско, за 3 дена се насобрани 31.000 франка…”
Тој на крајот на извештајот заклучува:
“…Впрочем, Внатрешната организација не се надева премногу на Бугарија, иако таа смета дека војната со неа е многу веројатна.
Воглавно таа многу повеќе ја сака интервенцијата од страна на Австро-Унгарија, одошто од било која друга сила, и многу интересно е да се гледа како расположбата кај Македонските Словени се менува сé повеќе во полза на Австро-Унгарија.
Сфаќајќи дека Бугарија не би можела да биде повикана во оваа област да биде наследница на Турција и плашејќи се дека ни автономијата нема да доведе до саканите средени прилики, тие веруваат, дека можат да го барат својот спас во австро-унгарската културна мисија на Исток…”
***
Сепак од писмото на британскиот амбасадор во Виена, Франсис Планкет, до маркизот од Ленсдаун, државен секретар за надворешни работи на Велика Британија од 30 август 1903 година, за разговорите со грофот Голуховски за настаните во Македонија се гледа расположението на двајцата соговорници кое не одело во прилог на очекувањата на македонските востаници.
Се гледа дека кај министрите повеќе допрела спротивната пропаганда, одколку информациите од теренот на нивните преставници, и тие немаат симпатии кон востаниците, веруваат дека тие направиле злочини и не размислуваат за воена интервенција и воено вмешување.
“…Тогаш грофот Голуховски се загреа за прашањето околу Балканот, и зборувајќи слободно, што беше невообичаено за него, рече дека тој сè уште се надева оти е можно немирите да се локализираат во наредните шест или осум недели, на кои сметаа востаниците пред да почне лошото време во планините. За жал, мерките на анархистите, во кои тие наоѓаа прибежиште, ги одвраќаа симпатиите од христијанска Европа, и тој сметаше дека сега не постои опасност од ужаси какви што се вршеа пред 25 години. Тој рече дека меѓу хартиите на убиениот руски конзул Ростковски е најден и еден извештај што се однесува на состојбата во неговата област и во него се истакнува дека голем број криминални дела биле извршени од востаниците, а не од Турците…”
“Грофот Голуховски рече дека не ги затвора очите пред опасноста што владее наоколу, но тој сè уште се надева дека востаниците нема да успеат да ги вовлечат европските сили и доколку се успее немирите да се локализираат пред да падне снегот, тогаш двете сили ќе направат сè за во текот на зимата да го натераат султанот да ги примени реформите, што не беше можно да се направи во сегашната востаничка конфузија.
Меѓутоа, од многуте зборови кажани во текот на разговорот со грофот Голуховски јас заклучив дека тој не е сигурен како порано дека руската влада ќе биде во состојба цврсто да му се спротивстави на секое движење што ќе го преземе московското јавно мислење, доколку такво се случи”.
***
Притисокот кој подоцна е извршен врз османлиската влада за реформи во Македонија кои ќе го подобрат животот на населението е слаб и недоволен а реформите уште послаби и недоволни, па страдањата на Македонците продолжуваат а со тоа и борбата за слобода и независност.
***
Цитатите и писмата се преземени од :
1.Извештаи од 1903-1904 година на австриските претставници во Македонија, издание на Институтот за национална историја од 1955 година и
2.Британски документи за историјата на Македонија (1901-1904) том IV издание на Државниот архив на Република Македонија од 2012 година“, напиша Груевски.