Бетонизација на „Треска“: Лани пожар, годинава расчистување, дадени дозволи – следуваат згради


Минатиот април избувна пожар во кругот на фабриката „Треска“, а веќе во април годинава влезе градежна механизација за да урива објкети, а со тоа да го расчистува теренот за бетонизација на просторот. Се поизвесно е дека ќе никнат нови згради, а никој нема да ги спречи. Екологистите алармираа дека тоа ќе биде погубно за Скопје и жителите, но апелот не стигна до надлежните. Се чини дека епилогот ќе биде исти како оној во центарот на Скопје, карши хотелот „Холидеј Ин“ каде жестоките борби завршија неславно.
Центарскиот градоначалник Горан Герасимовски вети хумано живеење кога се кандидираше. Во негов мандат, се градат т.н. „бетонски чудовишта“, како што ги нарекува јавноста. Дека Треска ќе ја доживее судбината на „Холидеј Ин“, говори фактот што нема никаква борба на локалната и централната власт предводена од СДСМ, туку напротив, молк и чекање локациите да бидат изградени.
„Фактор“ пишува дека градежната компанија Божо Илоски „Ремис“ од Охрид, која претендира да гради поголем број на станбени објекти во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје , ја зголеми основната главнина со паричен влог од 14 милиони евра. Промената во Централниот регистар покажува дека има 834.256.336 денари уплатен дел на сметката на „Ремис“. Останува да се види дали „Ремис“ планира да ги користи средствата за уплата на потребните комуналии или пак за инвестициски активности.
Инаку Општина Центар ја издаде првата градежна дозвола за кругот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје, по што се очекува набрзо да започне и изградбата на првиот објект. Правосилно е одобрението за „Голден Арт“ и „Мега Акустик“.
