Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари одвоени средби со амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп и со заменик шефот на мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.
Во фокусот на средбите беа политичките актуелности во земјава, со посебен акцент на околностите во кои се води јавната расправа за предложените уставни измени, и напорите на Владата да обезбеди континуитет на започнатите пристапните преговори за членство во Европската Унија без застој.
„Имаме одлична, може да се рече – уникатна можност, да обезбедиме пристојна европската иднина за нашите граѓани, што е воедно стратешка цел и определба на нашата држава и институции, но и јасна и недвосмислена волја на нашите граѓани. Овој пат клучот е кај нас, и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјава во овој процес“, нагласи Османи.
„Во меѓувреме, државата продолжува да работи на внатрешните реформи и успешно да го хармонизира законодавството со правото на Европската унија, потврдено и во извештаите на Европската комисија“, додаде министерот.
На средбите беа отворени и темите од регионален карактер, особено во контекст на европска интеграција на целиот регион на Западен Балкан.
„Актуелните безбедносни и геополитички предизвици, потребата од долгорочен и ефикасен реформски процес кај сите земји од регионот, сѐ уште актуелните потреби за помирување и затворање на отворените билатерални прашања ги обременуваат односите во регионот и Европската перспектива мора да ја задржи трансформативната моќ на Балканот“, посочи Османи.
Макфакс