Македонија

ПОЦ дома му испратиле казна, а на погрешна адреса опомена пред тужба, скопјанец се сомнева во спрега за грабеж на граѓаните

ПОЦ дома му испратиле казна, а на погрешна адреса опомена пред тужба, скопјанец се сомнева во спрега за грабеж на граѓаните

Скопјанец кој минатата година во август паркирал во Дебар Маало и добил казна од ПОЦ за неплатен паркинг, годинава на домашна адреса ја добил казната, а истовремено претпријатието испратило и опомена пред тужба но на погрешна адреса, во сосема друга населба и со една згрешена буква во презимето. Тој се сомнева дека Паркинзи Општина Центар е во спрега со извршителите за испумпување пари од граѓаните, а од претпријатието, пак, објаснуваат дека направиле печатна грешка која не е суштинска за процесот на присилна наплата.

dobivaj vesti na viber

„Казната ја добив и сосема случајно, пријател ми кажа дека за истото возило има и опомена пред тужба. Успеав да ја најдам и опомената, печатот и е со истиот датум како и казната, но видов дека таму стои сосема друга адреса за доставување, во населба Илинден, а живеам во Радишани. Јас немам друго објаснување за овој документ освен дека ова е можеби дел од спрегата со извршителите, да се испумпуваат пари од граѓаните. Јас казната ќе ја платам, но од погрешната адреса претпријатието нема да добие никаков повратен одговор и ќе завршам на извршител. Се пожалив веднаш откако дознав, но од ПОЦ добив само објаснување дека секако ќе ми ја испрателе опомената и на точната адреса. Не ми дадоа никакво објаснување како на опомената се нашла погрешна адреса со моето име, згрешено презиме и мојот автомобил“, револтиран е скопјанецот.

Паркинзи Општина Центар негираат секаква поврзаност со извршителите и тврдат дека печатната грешка не прави разлика оти фактурата издадена по дневната паркинг карта, која е со точни податоци и доставена на точна адреса е доволен, законски документ за сопственикот.

„Опомената оди прикачена заедно со фактурата и вклучува информации каде било паркирано возилото, број на регистрација и слично, како текстуално дообјаснување на фактурата и потсетување за обврската за плаќање. Печатните грешки во опомената не се суштински за процесот на присилна наплата, но иако несуштински, секако дека печатните грешки не треба да се случуваат и водиме двојна контрола за елиминирање на истите. Во конкретниов случај според нашите податоци и поштенската документација (повратници, систем, книга на евиденција) истата е пратена прикачена заедно со фактурата и во неа е прецизно наведен настанот и бројот на регистарска таблица, односно немаме воопшто пратка на второнаведената адреса“, вели директорот на ПОЦ,Душко Коцевски, за „Макфакс“.

Тој нагласува дека нема никаков простор за дискусија за некаква спрега со извршители преку погрешно праќање. Укажува дека во интерес на претпријатието е казната веднаш да биде платена оти и да има присилна наплата, за претпријатието оди само износот на основниот долг по фактура. Коцевски вели дека во интерес за финансиска ликвидност на претпријатието е да се наплаќаат што поскоро фактурите наместо да се оди на подолг процес на присилна наплата.

Скопјанецот, пак, вели дека талкајќи по опомената со погрешна адреса, се сретнал со уште неколкумина граѓани кои се жалеле исто како и тој, на згрешени адреси во документите од претпријатието.

Макфакс

На почеток