Претставници на ЕВН денес се сретнаа и преговараа со жители на селото Слупчане.
Од ЕВН по средбата оценија дека разговорите се одвивале во позитивна насока, а преостанува да се реализира уште еден состанок во текот на утрешниот ден.
„Макфакс“ неофицијално дознава дека жителите на Слупчане, сепак, не отстапуваат од своите барања. Тие изминатиот период во повеќе наврати поради диви приклучувања предизвикаа дефекти во мрежата, по што ги условуваа со барања екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото, додека вработените во компанијата тврдеа дека постојано се соочуваат со вербални и физички напади.
„Макфакс“ минатата недела дојде до документот на жителите на Слупчане, во кој се наведени нивните барања, а се состои од 14 точки. Велат дека за нив не треба да важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач. Простување долгови од илјадници евра, бесплатни приклучоци, но и највисоката сметка што ќе ја добиваат да биде 3.000 денари – се дел од барањата.
Според информациите, загубите во Слупчане се 80 отсто, а наплатата е само 20 проценти.
Пред околу еден месец екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде што жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно оти не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија Крешник Бектеши, па откога прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.
Макфакс