Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за нарушување на безбедноста на новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Пораките со заканувачка содржина се внимателно документирани и истите се од познати, но и анонимни профили на социјалната мрежа Twitter. Повод за овие закани е најавата на ИРЛ за новата епизода именувана како „Убиство во Тетово“ која се однесува на пожарот во модуларната болница што однесе 14 човечки животи, а премиерно ќе се емитува во недела, информираат денес од ЗНМ.
– Информираме дека со измените на Кривичниот законик, за кои се залагаше ЗНМ, а кои стапија на сила во февруари оваа година, загрозување на сигурноста на медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност против сторителите. Казните за оние кои ја загрозуваат сигурноста како и за оние кои предизвикуваат чувство на несигурност или страв на новинарите, се парични казна или затвор до една година. Доколку пак, поради овие закани новинарите се предмет на физички напад казните за напаѓачите се повеќе години затвор, потсњтуваат од ЗНМ.
Здружението на новинари бара од МВР со внимателност да ги истражи заканувачките пораки кон новинарите на ИРЛ, а кон оние профили кои се познати од страна на истражните органи да бидат повикани корисниците на распит и да се преземат соодветни мерки против нив.
Потсетуваме дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки на социјалната мрежа Facebook, а по претходни пријави од страна на ЗНМ.
Макфакс