Колку често се менува Уставот во други земји од Европа?
Пракса на уставни измени во други земји во Европа, Уставните измени односно реформи се сложен и долг процес.
Понекогаш измените се неопходни и сосема суштински заради подобрување на демократското владеење или прилагодување на политичките, економските и социјалните трансформации.
Сепак, имајќи го предвид фактот дека основањето на државите се впишува во самиот устав, измената на овој значаен документ е прашање од голема важност.
-Во некои европски држави уставните измени се толку чести што се случуваат скоро секоја година, а во други пак се многу ретки.
Во Австрија измените на Уставот на годишно ниво варираат од еден до шест пати (со исклучок на годините кога немало воопшто ниту една измена).
Швајцарскиот и белгискиот устав, исто така, се менуваат доста често, а во грузискиот устав има повеќе од триесет измени, покажува компаративното истражување на Парламентарниот институт.
Во други држави, пак, како што стои во истражувањето, уставните измени се многу ретки. -Во Шведска, Актот за сукцесија кој е дел од четирите фундаментални закони на Уставот е сменет само еднаш.
Во Романија немало воопшто никакви измени од 2003 година. Шпанскиот устав пак има претрпено само две измени. Уставот на Полска, исто така, од 1997 година е изменет само два пати.
Во Финска, Уставот е изменет четири пати од неговото влегување во сила од 2000 година. Бугарскиот устав е изменет само пет пати од 1991 година.
Грчкиот устав пак од 1975 година има претрпено четири ревизии. Уставот на Литванија од 1992 година е изменет 10 пати, се наведува во истражувањето.
-Прашањето за уставните измени се наоѓа во сржта на уставната теорија и пракса.
Конституционализмот имплицира дека фундаменталните правила за ефективно остварување на државната власт и заштитата на индивидуалните човекови права треба да бидат стабилни и предвидливи, а не да се предмет на чести измени, се вели во истражувањето на Парламентарниот институт и се посочува дека ова е клучно кога се зборува за легитимноста на уставниот систем.