Сообраќајната несреќа во која загинаа четири лица, а дури 53 се повредени, е резултат на невнимание на надлежните органи, кои треба да сносат одговорност, пишуваат грчките медиуми.
Несреќата се случи на 25 километри од граничниот премин Богородица, во близина на областа Поликастро.
Како што наведува грчкиот весник „Катимерини“, оваа делница се нарекува „патот на смртта“, кој не е надграден од 1970 година.
На овој дел од патот невини луѓе постојано ги губат животите поради неговата лоша состојба, а никој не реагира, пренесува „Блиц.рс“.
Тешката сообраќајна несреќа се случи утринава околу 7 часот, кога автомобил налета на автобус со нишка регистрација, во кој имало 78 патници. Тројца патници од автомобилот загинаа на лице место, а четвртиот веднаш бил пренесен во болница, но и покрај борбата на лекарите им подлегнал на повредите.
Откако автомобилот удрил во автобусот доаѓајќи од спротива, другo возило удрило во автомобилот, но сопатничката од Србија и детето во тој автомобил не се повредени. Автобусот и вториот автомобил паднале покрај патот, пришто автобусот се превртел.
Општинската власт низ која минува „патот на смртта“, повеќепати предупредуваше за овој пат поради неизбежни сообраќајни несреќи со смртни последици. Во едно од нејзините писма се наведува дека од отворањето на патот во 1970 година, односно повеќе од педесет години, овој пат не претрпел никакви надградби.
Првите 15 километри се најопасни
„Иако овој патен правец е централна копнена порта на државата низ која поминуваат околу 8.000.000 автомобили годишно, тој не е целосно развиен како оска со спецификации за автопат, бидејќи има само една сообраќајна лента. Првите 15 километри се најопасни, бидејќи во последните седумнаесет години се забележани 107 сообраќајни несреќи, што одговара на приближно 78 отсто од сите сообраќајни несреќи на овој патен правец. На овој петнаесеткилометарски пат животот го загубија 45 лица, а повеќе од 150 се тешко повредени, најмногу во верижни судири“ пишува грчкиот весник „Катимерини“.
На ваков опасен пат, оние кои влегуваат во Грција од Македонија, плаќаат патарина од 2017 година.
„Со други зборови ризикуваат да бидат убиени на беден пат за кој ни зборува цела Европа“, пишува „Катимерини“.
Овој дел многу возачи го сметаат за небезбеден, а средишниот дел на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, додека побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат.
Како што пишуваат грчките медиуми, „невини души испраќаме во смрт, како овие денес“.
Зошто само овој пат е во ваква состојба?
Тука е прашањето на кое треба компетентно да се одговори: зошто, односно, само овој, особено делот од патот, кој е копнен излез на Грција кон централна Европа и обратно, останува во состојба која наликува на патна мрежа од 50-та деценија.
„Колку пати и да го поставувавме прашањето што е виновно, а плановите не се реализираат, секогаш постоеше некој смешен бирократски изговор, но тоа се однесуваше само на овој пат, кој не’ поврзува со држава, регистрирана на картата на светот, како Северна Македонија, која некои луѓе ја мразат и не ја препознаваат, одбивајќи да се помират со реалноста, дури и ако тоа е во интерес на државата. Но, тие се, јасно кажано, далеку од памет ако мислат дека, со тоа што не ги модернизираат нашите патишта, зошто ја минуваат територијата на ‘проклетите’ соседи или поставуваат сообраќајни знаци на автопат што ве упатуваат во некоја земја која не постои (ФИРОМ), ќе ги ‘уништиме’. Така си пукаме во нога. И, најлошото: испраќаме невини души во смрт, како овие денес“, пишува „Катимерини“.
Во возилото имало четворица мажи – тројца Грци и еден Русин, кои тргнале на риболов кога трагично загинале при судирот со автобусот.
makfax.com.mk