Денеска со почеток во 18 часот пред Владата, граѓаните повторно ќе излезат на протест за случајот со кражбата на лекови на Клиниката за онкологија.
Ова ќе биде втор протест по објавите на неделникот „Фокус“ дека на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогинете заболувања завршувале на црниот пазар.
Организаторите преку социјалните мрежи повторно повикуваат на протест пред Владата, каде велат ќе го искажат гневот и револтот против криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за Онкологија.
Оттаму протестот ќе продолжи пред Зградата на ОЈО каде ќе се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија.
„Нашите барања и ултиматум од овој протест се: ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела; Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев; Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија; Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија; Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; Вклучување на онколошки пациенти кои ќе имаат увид во самата истрага“, порачаа организаторите.
Апелираат до сите онколошки пациенти да ги контактираат за нивните искуства, за да придонесат во целосно разоткривање и одговорност на сите инволрвирани во скандалозното работење на Клиниката за онкологија.
Макфакс