Оваа Влада нема легитимитет за да прави уставни измени, прифаќање на бугарскиот диктат нема да се случи. Ова е партискиот став што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го пренел денеска на средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, велат од партијата.
Од опозициската партија преку соопштение истакнаа дека на средбата станало збор за актуелните политичко-економски состојби во државата и за реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, истакнал и дека со последните измени на Кривичниот законик, кој ги направи власта со европско знаменце, всушност се подготвува за опозиција и директно ги амнестира своите кадри, кои во ова гледаат начин да ја избегнат правдата.
„Еден од најважните приоритети на идната Влада ќе биде борбата против корупцијата“, истакна Мицкоски.
Воедно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги истакнал реалните проблеми на граѓаните, како што се недостатоците во образованието, немањето учебници, проблемите во економијата, високата инфлација и редица други неуспеси, кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат дека власта е далеку од споделувањето на европските вредности и цели.
Макфакс