Топ тајна стана авторот на измените на Кривичниот законик, трагите водат до пратенички компјутер


Владата и Министерството за правда кријат кои се авторите на измените на Кривичниот законик. Никој не открива конкретно имиња на креаторите ниту, пак, на чија иницијатива се напишани. ИРЛ испрати прашања и до Владата и до министерството за правда – кој и кога одлучил да се променат овие членови и врз основа на чие правно мислење. Решија да одговорат дека министерството е подготвувач на измените без да прецизираат кои се лицата кои бришеле и додавале членови во Кривичниот законик, а не биле членови на работната група во која членуваат професори, обвинители и судии.
Сите обиди да дознаеме кој ги напишал овие измени и врз основа на каква анализа беа залудни бидејќи клучните лица од клучните институции не сакаат да кажат. Следниот чекор беше да се обидеме да дознаеме повеќе за овој процес од метадатата на документите прикачени на веб страницата на Собранието. Проверката покажа дека речиси сите документи се креирани од службеник во министерството за правда, освен еден – самиот предлог закон. Четири дена пред усвојувањето на измените, овој документ е креиран и менуван од извесен Мартин Костовски, односно ова име е корисничкото име на компјутерот на кој бил креиран документот. Во министерството за правда ни потврдија дека нема ваков службеник со ова име презиме. Ова име коинцидира со пратеникот на СДСМ и правник Мартин Костовски. Телефонски разговаравме со пратеникот. Го прашавме дали тој работел на измените на Кривичниот законик и дали го креирал документот поставен на веб страната. При првиот контакт со новинарите на прашањето на ИРЛ дали предлог законот е креиран на неговиот компјутер или можеби и тој е авторот, тој рече дека ќе провери и ќе повторно ќе не побара, по што кажа дека не бил тој.
„Не сум јас, немам врска со тоа“, рече кусо тој и додаде дека прв пат го видел законот на самата седница во парламентот. И покрај краткиот рок за правна анализа, правникот и пратеник Костовски гласаше за законот. За ИРЛ изјави и дека од утре ќе проверува дали некој го користел неговиот компјутер во парламентот без да знае.
