Ден пред новата рунда дијалог, во Брисел, и откако САД уште еднаш побараа од Приштина да го претстави нацрт-статутот за ЗСО, шефот на косовската влада рече дека Албанците на југот на Србија се дискриминирани и го побара „истото внимание“ што ги имаат Србите во Косово.
Во четврток ќе се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на високо политичко ниво меѓу косовскиот премиер и српскиот претседател.
Како и на претходната средба, така и на средбата во четврток, Жозеп Борел, заедно со специјалниот европски пратеник за бриселскиот дијалог, Мирослав Лајчак, најпрвин ќе имаат одвоени средби со Александар Вучиќ и Аљбин Курти, со почеток во 9 часот, пишува Коссев.
Брисел потврди дека после тоа ќе следи трилатерална средба.
Тоа ќе биде прва средба меѓу двајцата официјални претставници по избувнувањето на тензиите на северот на Косово пред повеќе од три месеци, што дополнително ги затегна односите меѓу Приштина и Белград.
САД, заедно со Европската Унија, во претходниот период, а се повеќе и по најавата за средбата, порачаа дека очекуваат страните да се однесуваат одговорно, да се ангажираат со цел деескалација на ситуацијата, организирање нови локални избори, а со тоа се отвора патот за спроведување на Охридскиот договор.
Косовскиот премиер пред два дена разговараше со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, велејќи дека е подготвен „да се вклучи во активни преговори“.
Американскиот дипломат, пак, денеска тврди поинаку, односно вели дека не добил гаранции од премиерот на Косово за неговата посветеност на нормализацијата.
„Кога станува збор за косовската страна, тоа значи претставување на нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство. Курти не се обврза да го стори тоа. Во суштина, она на што се обврза е да присуствува на состаноците во Брисел и ништо повеќе“, изјави Ескобар во интервју за Гласот на Америка.
Во меѓувреме беше објавено интервју на косовскиот премиер за Дојче Веле, во кое Курти не одговори конкретно на прашањето за обврската за формирање на ЗСО:
„Не сакам да ги кршам правата на Србите, не сакам никаква дискриминација. Јас сум предолго дискриминиран како Албанец и политички активист. Но, во исто време, тоа не може да биде привилегија што ги дискриминира другите. Ни треба еднаквост, владеење на правото и европски вредности“, рече тој.
Во меѓувреме, тој во пост на платформата Х го покрена прашањето за дискриминација, велејќи дека албанската заедница во централна Србија „има право на исто внимание како и српската заедница во Косово“.
„Не можеме да правиме дискриминација кога станува збор за почитување. Ова е самата премиса на малцинските права – дека етничката припадност не може и не треба да ја одредува вашата вредност или недостаток во една земја“, напиша Курти.
Истовремено, косовскиот премиер изјави дека Албанците кои живеат во Прешево и Бујановац се дискриминирани по различни основи.
Курти тврди дека тие места, чие население е претежно албанско, немаат болница, додавајќи дека жителите се принудени да одат во блискиот град Врање, каде, како што тврди, меѓу 700-те вработени нема ниту еден Албанец.
Тој тврди и дека 6.000 Албанци биле незаконски избришани од избирачките списоци и дека, како што додава, не можат да гласаат, да работат, да купуваат имот или да ги запишат своите деца на училиште.
makfax.com.mk