Свет

(Видео) Катастрофа во Либија: градоначалникот на Дерна стравува од 20.000 загинати, морето исфрла трупови

(Видео) Катастрофа во Либија: градоначалникот на Дерна стравува од 20.000 загинати, морето исфрла трупови

Либискиот град Дерна и денеска продолжува да брои загинати откога разорните поплави однесоа цели населби и зад себе оставија илјадници мртви. Повеќе од 5.300 луѓе загинаа кога две пукања на брани донесоа разорни поплави во источниот град Дерна. Најмалку 10.000 луѓе исчезнаа, а десетици илјади се раселени.

dobivaj vesti na viber

Градоначалникот на Дерна: Се плашам дека има 18-20 илјади мртви

Се стравува дека до 20.000 луѓе ги загубиле животите во катастрофалните поплави во Дерна, изјави градоначалникот на тој источен либиски град, а пренесе Би-би-си. Во интервју за саудиската телевизија „Ал Арабија“, тој изјави дека проценува оти 18-20 илјади луѓе загинале кога пукнале браните по што цунами од вода однесе цели населби во морето.

Неговата процена се базира на бројот на месни заедници што беа целосно уништени од надојдените води.

Официјалниот претставник на ОН рече дека и источните и западните влади побарале меѓународна помош и ги координираат напорите за помош на жртвите од поплавите. Меѓународно признатата Влада на национално единство се наоѓа на запад од земјата во Триполи, а паралелна администрација функционира на исток, вклучувајќи ја и Дерна.

Европската комисија најави испраќање помош од Германија, Романија и од Финска за овој приморски град во источна Либија, каде што ситуацијата е драматична. Европската Унија деблокира првична помош од 500.000 евра, а Велика Британија најави 1,16 милион евра за задоволување на најитните потреби на Либијците.

Тела завиткани во ќебиња на улиците

Во Дерна, која во неделата беше погодена од бурата Даниел, која предизвика и пукање брани, уништени се згради, однесени се мостови, потопени се цели населби и исчезнати се патишта оставајќи го градот непрепознатлив.

Бројот на загинати продолжува да расте. Телата завиткани во ќебиња се наоѓаат на улиците, а други се натрупани во камиони на патот кон гробиштата. Мртви тела исфрла и Средоземното Море од вторникот.

Властите стравуваат дека конечниот број на загинати би можел да биде многу поголем. Официјален претставник на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина објави преголема бројка на загинати што може да изнесува илјадници, а 10.000 се водат за исчезнати.

Раселени најмалку 30.000 луѓе што живееле во Дерна

Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), најмалку 30.000 луѓе, кои живееле во Дерна, град со 100.000 жители, се раселени.

Честите прекини на струја и прекините на телекомуникациската мрежа ги ограничуваат комуникациите во Дерна, велат од ИОМ.

Околу 3.000 луѓе исто така беа раселени во Ал Бајда и повеќе од 2.000 во Бенгази, градови што се наоѓаат позападно. Ова е најлошата природна катастрофа што ја погоди Киренаика, источната провинција на Либија, од големиот земјотрес што го погоди градот Ал Марџ во 1963 година.

makfax.com.mk

На почеток