Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Меѓународниот кривичен суд отворил канцеларија во Киев за да ги испита наводните руски воени злосторства.
Тоа е најголемата канцеларија на судот покрај неговото седиште во Хаг, Холандија, рече Зеленски во своето видеообраќање вчера.
„Меѓународната истрага ќе помогне да се врати правдата за Украина и за сите наши луѓе што настрадаа во оваа војна“, додаде тој.
Претходно, прес-службата на Трибуналот сподели фотографии од отворањето на канцеларијата во објава на платформата на социјалната мрежа Х, порано позната како „Твитер“. На фотографиите се гледа и главниот обвинител на МКС, Карим Кан.
Минатиот март Кан издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, за наводни воени злосторства во Украина.
makfax.com.mk