Здравствените власти во Индија се борат да ја спречат појавата на вирусот нипах, кој веќе уби две лица и има стапка на смртност која според Светската здравствена организација е висока до 75 проценти.
Околу 800 луѓе биле тестирани во текот на изминатите неколку дена во јужната држава Керала, а двајца возрасни и едно дете се хоспитализирани откако добиле позитивни дијагнози, пишува Ројтерс.
– Ги тестираме луѓето… а во исто време експертите собираат примероци од течност од шумските области кои би можеле да бидат во фокусот на ширењето. Ние сме во фаза на хипербудност и откривање – изјави за новинската агенција Веена Џорџ, државниот министер за здравство.
Јавните канцеларии, владините згради и верските институции беа затворени во делови од регионот, бидејќи беа земени примероци од урина од лилјаци, животински измет и полуизедено овошје од селото каде што живееше првата жртва, пишува Фокс њуз.
Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) го опишуваат вирусот Нипах како зооноза – што значи дека може да се пренесе од животните на луѓето – и наведува дека лилјаците се примарни носители на него во природата.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека стапката на смртност од вирусот Нипах се проценува на 40-75%, но дека може „да варира од епидемија до епидемија во зависност од локалниот капацитет за епидемиолошки надзор и клиничко управување“.
Заразените луѓе првично развиваат симптоми вклучувајќи треска, главоболки, мускулна болка, повраќање и болки во грлото, соопшти СЗО.
Ова може да биде придружено со вртоглавица, поспаност, променета свест и невролошки знаци кои укажуваат на акутен енцефалитис.
Според СЗО, се уште нема лек ниту вакцина, пренесува „Билд“.
makfax.com.mk