Незадоволствата ги вадат граѓаните на улица, студентите денеска излегуваат пред Влада: Не можеме да останеме рамнодушни
Незадоволствата ги собираат граѓаните на улица. По протестите за случајот „Онкологија“ и за правда за модуларната болница, сега во 18 часот пред Влада излегуваат и студенти на правните факултети поради измените на Кривичниот законик. Денеска, тие ќе упатат порака дека е потребна нова, некорупнирана генерација на правници.
„Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем. На Македонија и е потребна нова, некорумпирана генерација правници. Но страв ни е дека додека ние, како актуелни студенти, стасаме до позиции на правораздавачи – правдата ќе стане мисловна именка. Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава“, стои во објавата на „Фејсбук“
На протестот се повикани и професорите по право. Професорката Мирјана Најчевска е една од ретките која го поддржа протестот.
„Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања. Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем“, се додава во најавата.
Сподели: